Мари го победи Ферер, против Ѓоковиќ во финалето во Мелбурн
Британскиот тенисер славеше во полуфиналето против Шпанецот со 4:6, 7:6, 6:1 и 7:6
Британецот Енди Мари е вториот финалист на првиот Гренд-слем во годината, Австралија опен. Тој во полуфиналето беше подобар од Шпанецот Давид Ферер со 4:6, 7:6, 6:1 и 7:6.
Првиот сет мина во знак на шпанскиот тенисер кој играше далеку посмирено, за што сведочи и податокот дека направи само шест неизнудени грешки, а неговиот ривал имаше дури 16. Двата бројка беа доволни да стигне до 6:4. Далеку порамноправна игра видовме во вториот сет.
Тој траеше цели 73 минути, а обајцата успеаја по два пати да освојат гем на сервис на противникот. Со дури 19 директни поени Мари се избори за тај-брејк, а во него на Шпанецот му дозволи само два поени. И не чуди, затоа што Ферер се' уште беше под в��ечатокот на пропуштената шанса при резултат 5:4 кога не искористи сет-топка за водство од 2:0.
Третиот сет почна сјајно за британскиот тенисер кој со два брејка предност и дури 50 отсто освоени поени на сервис на противникот стигна до недостижни 5:1, а не долго после тоа го официјализира и освојувањето на сетот.
И последниот сет во овој дуел, четвртиот, почна одлично за Мари, водство од 2:0 и топче за нов брејк. Но, упорниот Шпанец го возврати ударот. Откако во четврт-финалето го елиминира Надал и во полуфиналето Ферер во тешките моменти изнаоѓаше вистински решенија. За кратко време го заврти резултатот во своја корист, и по три гема во серија, се' до завршницата диктираше темпо. Меѓутоа, во тај-брејкот немаше решение за играта на Мари, кој тој решавачки сегмент го доби со 7:2 и по втор пат едноподруго се пласира во финалето на Австралија опен каде го чека Србинот Новак Ѓоковиќ.
Што се однесува до нивниот дуел во финалето во Мелбурн, тоа ќе биде осми во нивните кариери кои се споени уште од јуниорски денови.
Моментално е 4:3 за Ѓоковиќ во професионална конкуренција, но треба да се има предвид дека Србинот последен пат го совлада Мари во 2008 година, а од тогаш загуби три пати во низа заклучно со турнирот во Мајами во 2009 година.
Приказната за овие двајца врсници, кои ги делат две места на АТП-листат, но само седум дена разлика во староста (Ѓоковиќ е роден на 22 мај 1987 година, а Мари на 15 мај истата година), почна на турнирот во Мадрид во 2006 година. Тогаш по голема борба и пресврт Ѓоковиќ славеше со 1:6, 7:5 и 6:3.
Иако големи ривали во походот кон врвот на АТП-листата, Ѓоковиќ и Мари се пријатели и ретко ги пропуштаат можностите времето да го минат заедно. Покрај учествата во хуманитарни егзибиции, и пред самиот почеток на овој Австралија опен имаа заеднички тренинг во Перт. |