Трговците во загуба, граѓаните бараат поевтино
Потрошувачите и не помислуваат да купат ништо друго, освен најнеопходното
Сања Наумовска
Најновите поскапувања на прехранбените производи ги опустошија маркетите. Граѓаните тешко го поднесуваат секојдневниот раст на цените. Платите и пензиите не можат да го следат растот на цените на храната, бензинот, парното... Зголемувањата на цените на многу производи уште повеќе ја намали куповната моќ на македонските потрошувачи. Ценовниот шок по новогодишните празници, кога поскапеа лебот, маслото, шеќерот, брашното... го исцеди и онака скромниот домашен буџет. Трговците се жалат дека граѓаните го купуваат само она што им е неопходно и тоа во помали количини. Поради поскапувањата се' друго се смета за луксуз. „Купуваме леб и млеко за децата. За друго, ако остане. Платите стојат во место, а сите цени само растат“, негодуваат граѓаните.
Во меѓувреме, во супермаркетите веќе подолго време се забележува тренд на опаѓање на вкупниот промет, особено кај оние производи што најмногу поскапеа. Сиромашната потрошувачка кошничка станува уште посиромашна. Лебот поскапи за три денари, шеќерот чини речиси 60 денари, а маслото за јадење се продава за повеќе од 90 денари.
„Поскапувањето на повеќе артикли го намали прометот во нашите маркети. Се' уште не го знаеме крајниот ефект од ова, но сигурно е дека негативно ќе влијае врз резултатите од нашето работење. За овој период, јануари, споредено со истиот период од 2010 година, прометот кај дел од артиклите што имаа ценовно покачување е намален за два процента“, велат од „Скопски пазар“. Од „Тинекс“, пак, објаснуваат дека се' уште не ги изготвиле последните анализи, но првичните мерења покажуваат дека најавените и настанатите покачувања негативно влијаат врз куповната моќ на потрошувачите.
Граѓаните, штедејќи го секој денар за да ги задоволат секојдневните потреби, се ориентираат кон поевтините продавници. Во маркетите КАМ , кои важат за такви, велат дека прометот од октомври минатата година им е во постојан пораст и во споредба со претходната година е повисок за 15-20 проценти. Најмногу се купуваат масло за јадење, шеќер, брашно, леб, средства за хигиена и детергенти.
„Покачувањето на малопродажните цени секогаш резултира со зголемување на прометот во маркетите КАМ, бидејќи граѓаните знаат дека производите кај нас се најевтини. И покрај последните поскапувања, во нашите продавници маслото за јадење чини 88 денари, шеќерот е 52 денара, за разлика од другите маркети каде што се продава за 56 или 57 денари. Векна леб чини 22 денара, а побарувачката во секој маркет во последните неколку недели ни е зголемена за две-три корпи леб“, велат од КАМ.
За да се избегне евентуално ново покачување на цената на лебот мелничарите бараат Владата да дозволи интервенција со 25.000 тони пченица од стоковните резерви. Оваа количина ќе ги задоволи потребите од лебно жито до крајот на март. Дотогаш би требало да има стабилизација на цените на пченицата на светските и на регионалните берзи. Тоа е најлесен начин да се преброди кризата од намалената понуда на житни култури до пролетната жетва. Без интервенција од стоковните резерви , мелничарите, соочени со новите цени на увезената пченица, многу веројатно ќе бараат ново поскапување на лебот за уште три денари бидејќи резервите на лебно жито им се при крај.
Сепак, одговор од Владата се' уште нема, иако мелничарите го побараа тоа уште во почетокот на декември минатата година. Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, секојдневно се следи растот на цената на пченицата на берзите, а за да се заштити стандардот на македонските граѓани од нови поскапувања, на следната или на некоја од наредните седници ќе се најде и оваа точка на дневен ред.
Македонија најмногу увезува жито од Србија, каде што за еден тон пченица плаќа 280 евра. Од февруари српската влада најавува нови давачки за српските извозници, а тоа ќе ги погоди и македонските мелничари, кои ќе треба да издвојуваат дополнителни 35 евра за еден тон увезена пченица. Дополнителен проблем е и обезбедувањето доволни количини за увоз, откако по поплавите во Австралија, како и пожарите што лани ја опустошија Русија, на светскиот пазар има постојан недостиг од житни култури.
|