Берлинале во знакот на млади и независни автори
Годинешниот фестивал ќе остави празен стол во жирито како поддршка за затворениот ирански режисер Џафар Панахи
Сунчица Уневска
Берлинскиот филмски фестивал, чие 61. издание ќе се одржи од 10 до 20 февруари, годинава носи многу интересна програма, правејќи своевиден пресврт. Имено, ако претходните години во главната програма, слично како Кан, вклучуваше се' повеќе холивудски филмови со атрактивни ѕвезди во главните улоги, сега по своето 60. издание како да се враќа кон концептот од порано. Во главната програма годинава, во која се селектирани 22 филма, од кои 16 ќе се борат за „Златна мечка“,вклучени се повеќе млади и непознати автори. Темите на кои исто така се внимавало, се подеднакво интимни и политички, а голема предност имаат независните остварувања.
Во конкуренција има само двајца ветерани, и тоа познатиот унгарски автор Бела Тар со филмот „Торински коњ“ и францускиот аниматор Мишел Оселот, кој доаѓа со анимираниот 3-Д филм „Ноќни приказни“. Од познатите ѕвезди, тука е само актерот Ралф Фајнс со своето режисерско деби „Кориолан“. Повторно најмногу филма има од Америка, но главно независни. Најголемо внимание предизвикува филмот, кој штотуку се прикажа на независниот фестивал „Санденс“, дебитантскиот „Повикот на Маргин“ на Џеј Си Чендор, кој се осврнува на актуелната финансиска криза и за кој во Санденс има војна за тоа кој ќе го земе во дистрибуција. Меѓу американските филмови е и „Крвта што простува“ на Џошуа Марстон, кој е целосно снимен во Албанија со албански актери, а во кој една од главните улоги игра и нашиот Рефет Абази. Од „Санденс“ доаѓа и филмот „Иднина“ на Миранда Џули, семејна драма со елементи на магичен реализам, кој ќе ја отвори годинешната официјална програма на фестивалот. Четвртиот американски е уште едно деби на младата Викторија Махони, насловен „Врискање до небо“.
Во натпреварувачката програма се и два германски филма, и тоа „Заспана болест“ на Улрих Келер и „Ако не ние, кој?“ на Андрес Виел, како и по еден руски и турски направени во копродукција со Германија, „Невина сабота“ на Александар Миндаѕе и „Нашиот голем очај“ на Сеифи Теоман. Дебитантски е и филмот кој доаѓа од Мексико. Станува збор за Паула Маркович, повеќе позната како сценарист, која во тандем со режисерот Фернандно Еимбке направи одлични остварувања, меѓу кои многу успешните „Сезона на патки“ и „Езерото Тахо“. Маркович ќе се натпреварува со своето режисерско деби „Награда“. А тука се и двајца поранешни учесници и добитници на награди на Берлинале, Родриго Морено (со „Телохранител“ ја освои наградата за иновативност „Алфред Бауер“) од Аргентина со „Мистериозен свет“ и Азгар Фаради (кој со филмот „За Ели“ освои „Сребрена мечка“) од Иран со „Разделбата на Надер и Симин“.
Она што е карактеристично годинава, е дека филмовите на големите авторски имиња, кои се во главната програма, ќе бидат прикажани надвор од конкуренција и дека во оваа програма ќе има дури три филма направени во 3-Д. формат. Освен анимираниот „Ноќни приказни“, кој е во компетиција, другите два филма во 3-Д ги потпишуваат Вим Вендерс и Вернер Херцог. Вендерс го направи танчерскиот филм „Пина“ посветен на легендарната кореографка Пина Бауш, додека Херцог ќе го претстави својот документарец „Пештера на заборавени соништа“ снимен во јужна Франција. Додека во традиционалната програма на реставрирани филмови, годинава ќе се прикаже легендарниот „Таксист“ на Мартин Скорсезе направен во 4-К резолуција.
Надвор од конкуренција ќе биде прикажан и филмот кој годинава ќе го отвори фестивалот, американскиот „Човекот наречен храброст“ на браќата Џоел и Етан Коен, кој се очекува во Берлин да ги донесе Џеф Бриџис, Мет Дејмон и Џош Бролин. А атрактивен кастинг носи и мистериозниот трилер „Непознат“ на младиот Жоме Колет-Сера со Лиам Нисон, Дајан Кругер, Аидан Квин и Бруно Ганц.
Оваа година Берлин ќе го одбележи и силната поддршка за наградуваниот ирански автор Џафар Панахи. Имено, во жирито, кое го предводи познатата актерка Изабела Роселини, ќе биде оставена празна столица за режисерот Панахи, кој неодамна беше осуден во Иран на шест години затвор поради неговите филмови. Берлин ќе прикаже и повеќе негови филмови во различни програми, а ќе се одржи и панел-дискусија на тема цензура и ограничување на слободата на мислење во Иран.
Македонија на годинешниот Берлински фестивал ќе биде претставена со филмот на Милчо Манчевски, „Мајки“ кој влезе меѓу 16 филма селектирани во главната програма на престижната „Панорама“. Оваа програма ќе ја отвори францускиот филм „Машкоданка“ на Селин Скама, а во неа годинава се вклучени многу познати режисери и поранешни лауреати. Така, „Панорама специјал“ ќе го отворат делата на бразилскиот автор Жозе Падиља, кој доаѓа со продолжението на наградениот „Елитни трупи“, како и филмот на Ли Тамахори („Кога бевме воини“) „Двојникот на ѓаволот“, кој ја раскажува приказната за синот на Садам Хусеин, Удај.
Покрај Манчевски, веќе се знае дека од Македонија имаме и двајца актери, Рефет Абази, кој е во трката за наградата „Сребрена мечка“ за главна улога во „Крвта што простува“, како и младата Наташа Петровиќ, која влезе меѓу десет европски надежни филмски ѕвезди, што ќе бидат претставени во програмата „Шутинг старс“. Но, штета е што филмот во кој Наташа ја има главната улога, ирско-македонскиот „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон не влезе во ниту една програма, што секако ќе беше уште поголема и подобра можност за нејзиното претставување. |