06.11.2012, 17:44 ДПА не ја прифаќа раката на Ахмети
Партијата на Тачи, сепак, ќе го поддржи кандидатот на интегративците за градоначалник на Кичево откако лидерот на ДУИ, од Цирих, упати апел за обединување
Наум Котевски
Раката на сеалбанско помирување за подобар ефект на наредните локални избори, што од Цирих ја подаде лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ДПА ја одби вчера - експресно и остро, порачувајќи дека како партија никако и никогаш нема да си дозволи „да прифати рака на интриги, рака на виновник“.
„Не може да ја прифатиме раката на срамот која гласаше за ’Монструм’, која гласеше за ’Скопје 2014’. Додека Али Ахмети седи во скутот на Никола Груевски, нема соработка“, изјави вчера пратеникот и кандидат за градоначалник на Струга на ДПА, Зијадин Села.
Сепак, во тој жесток настап, во кој политичкото дејствување на ДУИ го нарече примитивизам и бандитизам, а Ахмети најголем лажго што го познава историјата, Села го повтори ставот на ДПА дека во Кичево нема да излезе со свој кандидат, туку дека ќе го поддржи кандидатот на ДУИ. Со тоа, всушност, го нахрани црвот на сомнежот дека станува збор за договорен натпревар меѓу двете најголеми албански партии, кој не е за пред камери.
„Не станува збор за соработка. Ние сме принудени да го поддржиме кандидатот на ДУИ затоа што Ахмети со години го подарува Кичево. Со ваквите шетања во дијаспората сака да го покрие својот срам“, додаде Села.
Ахмети, кој со своите најблиски соработници од саботата се наоѓа во посета на печалбарите во Швајцарија, а потоа заминува за Италија, Австрија, Германија, со цел да ги убеди да дојдат и да гласаат помасовно на изборите, особено на оние од Кичевско, еден ден пред тоа упати апел за обединување на албанскиот глас, онаму каде што Албанците се малцинство.
„Не знам дали на централната прослава на Денот на албанското знаме и на стогодишнината од независноста на Албанија Еди Рама ќе му подаде рака на Сали Бериша, но јас сигурно ќе им подадам рака на Мендух Тачи и на Руфи Османи“, кажа Ахмети, кој кратко потоа во интервјуто за порталот „Албинфо“ се обиде малку да ја ублажи изјавата, потенцирајќи дека „ДУИ во целина ќе оди сама на избори“.
Според него, би било добро на оние места каде што Албанците се малцинство, да се обединат нивните гласови, како во Битола, Крушево, Велес... „Поделбите таму не се потребни, зашто немаат значење. Сакам да кажам, или ќе добиеме еден советник или не добиваме ниту еден. Но, доколку сме заедно, може да имаме тројца-четворица советници. Сме имале тројца советници во Охрид, сега немаме ниеден, бидејќи албанскиот глас беше распарчен и стана безначаен. Треба да бидеме реални, нам на Албанците не ни требаат многу партии“, рече Ахмети.
Во врска со гласањето на печалбарите на парламентарните избори, Ахмети заклучува дека тие не го сфатиле сериозно изборниот процес минатата година, но дека дел од вината лежи и кај политичките партии поради нивната неангажираност.
„Сметам дека локалните избори се поспецифични. На средбите со сонародниците видов дека има добра волја. Формиран е организациски совет. Конкретно станува збор за општината Кичево, која историски секогаш била со мнозинско албанско население, но ниту еднаш неа не ја предводел Албанец, бидејќи поголемиот дел од Албанците од Кичево се на печалба во Швајцарија, Германија, Италија, Австрија и во САД“, додава Ахмети, кој нагласува и дека Албанците мора да покажат зрелост и да докажат дека знаат да раководат со општините.
Инаку, според некои албански медиуми, во Швајцарија живеат околу 60.000 македонски државјани, а поголемиот процент од нив се Албанци. |