Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Хороскоп Забава
Политика
17.06.2012, 16:43

Мое ќоше

Стив се врати на погрешна адреса

Ерол Ризаов

Како што го избришаа народниот херој Стив Наумов, така го вратија - подмолно и кукавички

Стив Наумов, народниот херој, на кого мијачите на историјата му го избришаа името, се врати во Скопје, само на погрешна адреса. Како што го избришаа, така го вратија. Кукавички и подмолно, на мала врата. Прво бирократски арогантно до зла бога напишаа дека досегашните улици „Стив Наумов“ и „Војвода Васил Аџиларски“ со оглед на правецот на протегање се спојуваат во една улица која ќе го носи името „Филип Втори“!!!???. А, по три дена тивко со наведната глава протнаа по медиумите дека досегашната улица „Ленинградска“ е преименувана во „Стив Наумов“. Демек ни лук јал ни лук мирисал. За денес веке да грмат на цел глас дека тоа со народниот херој Стив Наумов некој друг им го сместил. Ако е така со Стив, што е со Војвадата Аџиларски, каде исчезна тој. Е, не ќе може така пиши-бриши. Тази дупка, не е дупка. Народот веќе го виде срамот. Најчесно ке беше да се признае грешката и да го видиме новиот бран на дело. Вака вмровските старетези пак продаваат безгрешност и кога на очиглед на целата јавност ке ја избербатат работата.

Меѓу две паузи на дежурните хигиеничари и на самоповиканите кумови на споменот на македонските дејци и херои, се случија некои работи од кои се' поуплашената власт треба да извлече сериозни поуки. Прочитани се триковите со правење на „тошо“, како што направи градоначалникот Коце Трајановски, дека тој не е во тек со менувањето на имињата на улиците во неговиот град. Не се знае што е полошо, да не знае кој му ги прекрстува улиците или да знае, па да молчи. Неколкуте парчиња стакло од скршен прозорец на вратата на Градскиот совет станаа главна вест кај новинарските труби. Колку погласно почнаа да свират трубачите, толку повеќе се гледаше срамот што го направија трагачите по пославна историја од Аминта Трети до Тодор Александров. Реакциите на граѓаните овој пат им ја свиткаа опашката на партиските послушници и ја покажаа моќта на критичната маса кога греши власта. Беше тоа здрава шлаканица за власта на отворена сцена од граѓаните кои ги повредува очигледното маргинализирање на антифашистичката војна во Македонија. Стив и Ѓорги Наумов, браќа кои во цветот на младоста (22 и 26 години) ги положија своите животи за слобода, одново го разбудија „Македончето“ да каже доста беше. Обидот да се забошоти случајот со притисоци и цензури не дадоа плод, напротив, ја потврдија старата вистина дека со тоа само се зголемува недовербата и се продлабочува сомнежот дека не станува збор за обична грешка на пониските партиски ешалони и на општинската бирократија, туку дека се работи за смислена стратегија за маргинализација на поблиското историско минато и НОБ. Како што сме сведоци на премолчувањето на словенското потекло на нацијата и на македонскиот јазик, така сме сведоци и на скапата и бесмислена антикоманија во архитектурата, во изградбата споменици, преименување аеродроми, стадиони, улици и цела низа други интервенции во традицијата и во науката.

Колку голем сојузник е незнаењето и ароганцијата на примитивизмот и на популизмот најдобро деновиве илустрира Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја, еден од ретките историчари, ако не и единствен, кој јавно се огласи со осуда на бришењето на името на Стив Наумов, но, воопшто, и на преименувањата на улиците без стручна консултација. Стив бил комунист, но е народен херој, предупредува Чепреганов. Стив имал висока национална свест, бил повеќе националист отколку комунист во позитивна смисла на зборот. Ова сознание ги остави со подзината уста неуките патриотски прекројувачи на комуналната идеологија. Секогаш такви се последиците кога се оди бос по трње.

Сиромашните со дух и знаење барем научија дека првата вест за настаните во окупираната територија на денешна Македонија што стигнала и до страниците на „Њујорк тајмс“ ја испишал лично Стив Наумов. На 9 мај 1942 година стрелал во злогласниот началник на бугарската државна безбедност во Битола. Ете овој јунак од мајка роден, чија слика деновиве пленува со својата убавина и продуховеност, прв ја прати веста до светот дека Македонија води војна за слобода за која тој и брат му и уште илјадници ги положија животите. Ние уште не ја прочитавме и не ја разбравме таа вест.


Статијата е прочитана 2309 пати.

Испрати коментар



ВМРО-ДПМНЕ наполни 22 години
Митингашки викенд на СДСМ во Штип
Судовите ги казнуваат новинарите, Стразбур ги ослободува
По дваесетмина конкурираат за едно место во полиција
Груевски во Москва, но нема да го види Путин
Интервју Да се преиспитаат казнените мерки за лекарите
Две лоши економски вести и една добра во најава
Александар Петрески не ги видел ниту Рој ниту Слим!
Индискиот милијардер ја одолжи посетата во Македонија
Обвинителите ќе „возат“ по старо уште две години



„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

Што прават денеска
 


Site Meter


 
Време
Скопје, 29°C

Делумно облачно

Сабота
Ведро
Макс: 34°C, Мин: 17°C

Недела
Локални грмотевици
Макс: 33°C, Мин: 16°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

„Погледнете и слушнете ги моите јунаци, вели големиот српски режисер Желимир Жилник, кој гостува на „Македокс“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Хороскоп | Забава |