17.06.2012, 17:51 ВМРО-ДПМНЕ наполни 22 години
Груевски вели дека ја обединил десницата
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ дувна 22 свеќи на роденденската торта на партијата, на прославата во Музејот на македонската борба во Скопје. На роденденот на партијата присуствуваа министри, пратеници, градоначалници, членови на дипломатскиот кор и претставници на политички партии и јавни личности. Партискиот лидер и премиер, Никола Груевски, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја обедини десницата во Македонија, бидејќи, како што рече, ги врати назад сите кои, од различни причини, се откинаа од партиското јадро, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на одбележувањето на 22. роденден на партијата. Тој им вети победа на локалните избори на членовите и симпатизерите на партијата.
Мане Јаковлевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за електронскиот весник на ВМРО-ДПМНЕ „Глас“, зборува за почетоците на партијата: „Во април 1990 година, Драган Богдановски, кој е идејниот творец на ВМРО-ДПМНЕ, од Шведска дојде во Берлин. Беше одржан првиот состанок во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, каде што учествуваа: Драган Богдановски, Гојко Јаковлески, Стево Доневски-Мајка, јас - Мане Јаковлески, Ванчо Механџиски-новинар, кој престојуваше како гостин на Гојко Јаковлески. На овој состанок Богдановски информираше дека има луѓе во Македонија кои се подготвени, со поддршка на Македонците од дијаспората, да започнат активност за формирање партија во Македонија. Прв пат отворено беше изнесена идејата за партија, она што подоцна прерасна во ВМРО-ДПМНЕ. По состанокот во Берлин, Драган Богдановски и Гојко Јаковлески заминаа на друг состанок во Минхен. На состанокот што се одржа во почетокот на јуни 1990 година во Минхен, од Македонија присуствуваа: Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Владо Транталовски.
На состанокот во Минхен, на предлог на Богдановски беше одлучено, на светите букви ВМРО да се додаде ДПМНЕ (Демократска партија за македонско национално единство). Како денес се сеќавам на 17 јуни 1990 година, ден недела, во салата на Домот на млади 25 мај во Скопје (денешниот објект на МКЦ), се собраа неколку стотина патриоти од сите краеви на Македонија, но и од Европа, Америка, Канада, Австралија, кои учествуваа на Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ. Од говорницата прв пат беше изговорено: Македонија ќе има своја армија, своја валута, македонски амбасадори, македонска репрезентација во фудбал, кошарка, ракомет...ќе ги има сите нишани на една современа европска држава. Тоа беа моменти на радост, а остварување на еден вековен сон.
На основачкото собрание во Скопје, говореше првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски. Првиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски го прочита прогласот за формирање партија. Реферат во името на емиграцијата прочита Гојко Јаковлески од Берлин. Потоа следеше природниот растеж на партијата“, се потсетува Јаковлевски. (П.Р.)
За фото-галерија од настанот кликнете овде |