16.03.2012, 17:40 Болните со очен притисок се лекуваат со стари лекови
Процените се дека во Македонија има околу 20.000 болни со зголемен очен притисок, или глауком, и овој број се' повеќе расте
Јасмина Јовановска
Пациентите со зголемен очен притисок, или глауком, кај нас се лекуваат со застарена терапија или, пак, се принудени капките за очи да ги купуваат од свој џеб. На листата на лекови на товар на државата не е ставен ниту еден современ лек за третман на очен притисок, иако офталмолозите тоа го бараат веќе три години наназад. Според експертите, бројот на болни со очен притисок е во постојан раст. Се проценува дека во Македонија има околу 20.000 болни со глауком и дека овој број од година во година се' повеќе се зголемува. Алармантно е тоа што возрасната граница за очниот притисок се намалува и оваа болест се' повеќе се јавува кај млади пациенти. Затоа стручњаците порачуваат лицата над 40-тата година барем еднаш годишно превентивно да го измерат очниот притисок.
„Глаукомот не е повеќе болест само на возрасната популацијата, а често се открива во доцна фаза кога веќе има оштетување на видот, иако болните немаат поизразени симптоми како поголемо оштетување на видот или болка. Затоа се советува да прават прегледи особено оние лица кои во семејствата имаат веќе болен со глауком“, истакна Весна Јордановска-Димовска, претседател на Македонското здружение на офталмолози, по повод завршувањето на Неделата на борбата против глаукомот.
Најдобриот лек за глаукомот е раното откривање и лекување, зошто е заболување со трајно губење на видот, кој не може да се врати со ниту една терапија. „Кога ќе се открие само се дава терапија за да се одржува нормален очниот притисок и да не се направат нови оштетувања на видот“, објаснува д-р Јордановска-Димовска.
За офталмолозите проблем е и тоа што лековите за глауком на позитивната листа одамна не се заменети со нови посовремени терапии. „Лекови како што се капките за очен притисок кои се ставаат еднаш дневно или посовремените не се на позитивната листа, па пациентите ги купуваат, а најголемиот број болни се повозрасни со скромни буџети. И за тоа како здружение веќе сме реагирале до надлежните“, укажа д-р Јордановска-Димовска, која се надева дека со акциите за превентивни прегледи ќе влијаат кај надлежните за осовременување на терапијата.
Не се знае точно колку нови случаи на глауком годишно се јавуваат на Клиниката за очни болести бидејќи сега се работи на изготвување на национален регистар на болни за цела земја. „Се проценува дека од глауком боледуваат од еден до 1,5 отсто од популацијата во земјава“, посочи д-р Јордановска-Димовска.
А колку е реширена болеста покажуваат податоците дека во светот од глауком боледуваат 67 милиони лица од кои девет милиони во Европа.
Во вчерашната акција што се одржа на скопскиот плоштад Македонија, од 530 лица кај 216 луѓе е констатиран зголемен очен притисок. Од нив 189 лица првпат дознале дека имаат зголемен очен притисок, а 27 лица веќе знаеле дека ја имаат болеста. |