16.10.2012, 17:12 Хомосексуалците без партиска поддршка
Зошто сега се отвора расправа за истополовите бракови кога никој не го бара тоа, а Македонија очекува датум за преговори за влез во ЕУ
Горан Адамовски
Неразбирањата за нивната „различност“, па и физички напади кон припадниците на ЛГТБ-заедницата (лезбијки, геј, бисексуалци и транссексуалци) вообичаено доаѓаат од конзервативни, десничарски и религиозни групи. Нивните аргументи се дека хомосексуалноста е неприродна или, пак, дека е нарушување, односно болест и се повикуваат на толкување верски текстови. Спротивно на оваа раширена теорија, разбирање за хомосексуалната заедница и нивните права, главно, имаат либералите. Така е барем во светот, додека во Македонија, како и на Балканот, ретко може да се најде партија која, на пример, отворено ќе поддржи истополови бракови.
„Тоа време ќе дојде кога политичките партии ќе почнат да се занимаваат со политика“, смета директорот на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, Славчо Димитров.
Деновиве сме сведоци на засилена расправа околу (не)исправноста на легализирањето истополови бракови иако, како што вели Димитров, ова не е дебата, туку наметнување на ставовите на власта, без да сакаат ја слушнат другата страна. Демохристијанската ВМРО-ДПМНЕ, поточно министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, веќе се произнесе дека во нивно време сигурно нема да се дозволат хомосексуални бракови, ниту, пак, посвојување деца. Владејачката партија нема дилеми дека бракот е заедница меѓу маж и жена, а и околу посвојувањето се уверени дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој ќе има мајка и татко во вистинска смисла на зборот. Без дополнителни објаснувања, но ист е заклучокот и на СДСМ, од каде што само кусо велат дека се против хомосексуални бракови.
„Мора да го направат тоа за да добијат некој глас на изборите“, смета Димитров и аргументира оти ВМРО-ДПМНЕ постојано игра на таа карта во пресрет на сите избори.
Иако го носи предзнакот либерална, ниту ЛПМ не подржува истополови бракови, иако е единствен политички субјект кој уште во 2005 година побара „регистрирани партнерства“. Разликата е во тоа што Регистрираната заедница е практично еднаква на вонбрачната заедница и подразбира користење социјални права.
Но, прашањето што се наметнува е зошто сега се отвора прашањето за легализација на истополовите бракови кога ниту ЛГТБ-заедницата не го бара тоа, а земјава очекува позитивен расплет околу почнувањето преговори за членство во Европската унија, каде што ставот за ова прашање е сосема различен од оној во Македонија? Дали претстојните локални избори и додворувањето на гласачите може, барем краткорочно, да ја загрози европската перспектива на земјата?
Ако се следи примерот на Хрватска, која идната година ќе влезе во ЕУ, тогаш следниот пример нема да и' се допадне на нашата политичка елита. Имено, ниту таму нема партија што отворено ќе се залага за правата на хомосексуалците. Сепак, членството во Унијата ја натера тамошната влада да размислува за легализација на хомосексуалните бракови, што би требало наскоро да стане реалност. Се' уште се размислува дали на истополовиот партнер ќе му биде дозволено посвојување на биолошкото дете на другиот партнер, додека сигурно е дека нема да им биде овозможено класично посвојување дете без родителска грижа.
„Мислам дека мора да одиме чекор напред по примерот на најнапредните светски држави“, се правдаше неодамна премиерот Зоран Милановиќ.
Секако, ваквите изјави беа дочекани на нож, пред се', од Католичката црква и од националистичката ХДЗ, но Милановиќ се обидуваше да објасни дека слични, па и поголеми права им се даваат на хомосексуалците во Шпанија, каде што религијата игра важна улога. Но, за секој случај, Хрватите ќе се оградат, па ќе измислат ново име колку да се направи разлика меѓу хетеросексуалните бракови и „оние другите“. Така, правата на хомосексуалците нема да бидат дефинирани во Законот за семејство, ами се подготвува нов закон за регистрирано партнерство.
„Парадата на гордоста“ или популарната „Геј-парада“ во Белград е како мачка на изложба на кучиња. Сите и' се острат, па властите едвај чекаат да ја одложат за подобри времиња. Премиерот Ивица Дачиќ се прослави ��о изјавата „жити Унијата ако геј-парадата е услов за влез во неа“. Интересно, Дачиќ беше првиот претседателски кандидат на годинашните избори во Србија кој одговори на прашалникот во врска со правата на ЛГБТ-заедницата, испратен од „Геј стрејт алијансата“. Дачиќ смета дека државните органи треба посилно да се занимаваат со проблемите на хомосексуалците, пред се', со физичките напади врз нив. Побара и вети измени во Кривичниот закон со воведување точка „насилство од омраза“. Но, и тогаш јавно призна дека не ја поддржува „Парадата на гордоста“.
За разлика од Балканот, гласовите на хомосексуалците се интересна точка во политичките кампањи низ светот. Во претстојната битка за американски претседател, декларираниот христијанин Барак Обама изјави дека „сфатил оти на истополовите парови треба да им се даде можност да стапат во брак“, обидувајќи се да поентира врз соперникот Мит Ромни, кој има сосема спротивно сфаќање од неговото. |