19.04.2013, 17:26 „Калифот Штрк“ во прилепскиот театар
Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечерва во 19 часот ќе биде премиерно изведена првата претстава со марионетки во Македонија. „Калифот Штрк“ од германскиот автор Вилхелм Хауф, во адаптација на Надја Василева-Ковачоска, а во режија на Дарко Ковачоски е последниот проект на театарот во кој е вклучена младата актерска екипа. „Имавме амбиција да направиме, пред се', едно дело, кое можеби нема да биде лесно за изработка, лесно за презентација, но ќе биде слатко, затоа што мислиме дека најголемата задача на денешниот театар е да живее и да пулсира со еден естетски поим, кој има во себе мерак, нема ли мерак – ќе го снема театар. Решивме да ги скршиме клишеата дека ориентот е само ропство и некаква темна страна и затоа ја раскажуваме оваа приказна за едно човече кое со чалма на главата пораснува и станува достоен за престол“, вели режисерот Ковачоски, Македонец кој живее и работи во Бугарија.
Марионетките што се користат во претставата се изработени во ателјето на ��ежисерот и се први кои ќе се користат во Театарот, вистински марионетки кои се движат со конци од мост. Затоа и актерите велат дека уживаат во подготвување на оваа претстава наменета за најмладите „Искуството е бесценето, прв пат фативме марионетка во рака, бев исплашена зашто требаше да и' дадам живот на куклата. За многу кратко време со куклата станавме едно, благодарение на режисерот, на целата екипа, сепак, тоа треба да го каже публиката. Но, се' друго по совладување на првите контакти со куклата е претстава како и секоја друга. Уживавме во подготовките, ни беше убаво, и тоа е тоа“, вели актерката Катерина Чакмакоска.
Во претставата играат и: Владимир Ѓорѓиески, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Јасмина М. Станкоска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски. Сценографијата, костимите и куклите се на Надја Василева, а автор на музиката е Владимир Џамбазов. (М.Т.) |