29.08.2012, 18:25 Иванов македонски „булдожер“ во Брисел и во ОН
Претседателот Ѓорге Иванов ќе си даде главна улога во надворешната политика од идната недела. Како што е навестено, в понеделник тој ќе отпатува во Брисел каде што ќе има неколку работни средби на високо ниво, и во НАТО и во Европската унија. Иако агендата се' уште не е официјализирана, се знае дека Иванов ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен (патем вторпат откако е на оваа функција), со претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј, со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Ова ќе биде најсуштинската посета на Брисел пред доаѓањето на Филе во Македонија, за да го одржи вториот дијалог на високо ниво и да ги испорача оценките на Европската комисија за реформите во земјава, но со еден новитет - политичката криза и новото влошување на ситуацијата на етничка линија по настанот во Слупчане. Овие теми, веројатно, ќе ги стават во втор план предвидените пет критични области што ги посочи Брисел, а пред се' судството и медиумите, но ќе им дадат акцент на измените на изборната регулатива и колку се тие во согласност со препораките на ОБСЕ. Знаејќи ги приоритетите на претседателот и фактот дека во Брисел тој не се доживува како главен носител на одлуките во надворешната политика, за очекување е дека тој ќе ги искористи средбите да се пожали од однесувањето на новиот грчки премиер и фактот дека нашиот главен услов за добивање датум за преговори со ЕУ не можеме да го исполниме поради грчката игноранција.
Претседателот Иванов ќе ја преставува Македонија и на следното Генерално собрание на Обединетите нации на крајот на септември во Њујорк, но дали ќе има уште некој висок функционер таму, се' уште нема информации. (С.Ј.) |