15.03.2012, 17:29 Филе: Дијалог меѓу мене и премиерот
Еврокомесарот порача дека успехот на новиот дијалог со Македонија го врзува директно со премиерот Никола Груевски
Слободанка Јовановска
Дијалог меѓу премиерот и мене! Вака ја опиша вчера еврокомесарот Штефан Филе новата уникатна фаза во односите меѓу ЕУ и Македонија, потенцирајќи трипати дека сопственоста на овој процес ја има лично нашиот премиер Никола Груевски, а неговата улога ќе биде клучна дали тој дијалог на високо ниво ќе успее или не. Филе зборуваше само за реформите, а премиерот притискаше со зборовите дека овој штотуку почнат дијалог е со ограничено траење, бидејќи она што не' интересира нас се вистински преговори и дека тие неизбежно ќе дојдат.
Колку еврокомесарот беше лично мотивиран да го води дијалогот покажа тоа што во Скопје дојде некаде во три часот по полноќ претходната ноќ, а веќе во осум утрото почна со средби со невладини организации и дури два часа со премиерот лично ги утврдуваа деталите на т.н. акциски договор, т.е. листата од шест заклучоци и анекс со конкретни обврски кои треба да се исполнат наскоро, бидејќи во мај ќе дојде да ги види резултатите, а во септември на втор отчет. „Фил“ на дијалогот со Филе беше прес- конференцијата за која од владата упорно барале да се сведе само на изјави, а од тимот на еврокомесарот трипати инсистирале да се дозволат и прашања на новинарите. Нервозните портпароли шетаа меѓу преставниците на медиумите за да ја спасат ситуацијата, т.е. да дозволат слободна прес-конференција, а сепак да ја исконтролираат, бидејќи премиерот лично се обврза и пред Филе и пред медиумите дека има силна политичка волја да го реши проблемот со слободата на изразување.
Во таква атмосфера се одржа првиот дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и Македонија, кој треба да не' увери дека нашата евроинтеграција не е невозможна, дека членството е реална опција, дека ЕУ ќе биде тука да ни помага и дека ако го зајакнеме нашето досие со реформите - ЕК ќе има многу посилни адути да ја брани препораката во декември на самитот на лидерите. Немаше место за спорот за името во овој дијалог, а обврските што ги доби премиерот, а покрај него и ресорните министри што учествуваа на состанокот, имаат рок на исполнување и се многу конкретни.
„Денес пополнуваме нова фаза во македонско-европското патување. Го пополнуваме мостот кој ќе не' одведе неизбежно до пристапни преговори. Тоа ќе биде сеопфатен процес, активна политика на меѓусебен дијалог и инклузивна рамка за реформите кои ќе бидат во корист за сите граѓани. Сакаме да работиме заедно со вас за вашето членство во ЕУ да стане реалност“, порача веднаш еврокомесарот. Според него, Македонија и ЕУ заедно можат да остварат „реален, одржлив и видлив напредок во реформите и приближувањето кон Унијата“ и притоа го посочи како добар пример најавата на Груевски дека ќе се декриминализира клеветата, откако слободата на изразување беше првото и единствено конкретно прашање што го спомна на отворањето на дијалогот.
За да биде појасно за што станува збор, Филе и технички го објасни дијалогот, за кој во Македонија се' уште трае расправа дали е претпристапен, дали е скрининг, дали е замена за вистински преговори или е мониторинг, дали е чекор напред во евроинтеграцијата или притисок, а генерално дали е надомест за блокадата или излез од статус кво ситуацијата на краток рок.
„Ако погледнете во смислата на дијалогот, ќе видите дека нема никакви декларации, туку конкретна листа на цели во важни области. Доставивме листа од шест заклучоци и анекс за нивно исполнување. Владата се обврза оваа мапа да ја претвори во оперативен патоказ до средината на април. За мај очекувам дека резултатите од оваа работа ќе бидат споделени со нас, а ќе се разговара и за приоритетите за следниот период. Пристапниот дијалог на високо ниво треба да биде искористен токму за она за кое е и замислен, а тоа е да се има политички дијалог на високо ниво, за развојот на вашата земја, за реформите и за проширувањето“, рече Филе. Запрашан директно дали овој дијалог е потврда за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграциите, Филе одговори со апсолутно да.
„Она што е важно за проширувањето е да се состават три важни агли на еден триаголник. Првиот е внатрешна политичка дебата и инклузивно учество во рамки на земјата, вториот се реформите, а третиот се соседите. Колку поцврсто работите на еден или два агли толку подобри услови создавате за останатите“, изјави еврокомесарот, за првпат навестувајќи го и прашањето околу спорот со Грција, која нашиот премиер избегна да ја спомне, освен одоколу.
„Македонија и ЕК се партнери во еден историски потфат за нашата земја, а тоа е членството на земјата во Унијата. Тоа е предизвик за нашата генерација политичари, за чие спроведување сите посветено работиме без оглед на ирационалните пречки кои ни се поставуваат на патот. Членството на Унијата е добро за понатамошниот демократски и економски развој на земјата, за натамошна промоција за заштита на нашите вредности и култура“, изјави Груевски пред новинарите.
Еврокомесарот пред да си замине од земјата се сретна и со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, а по средбата Бранко Црвенковски даде кратка дефиниција на напорите на ЕУ во Македонија со зборовите „дај што ќе дадеш“. Според лидерот на СДСМ, дијалогот е фокусиран на теми што се најкритични во земјата, а целта на Брисел со него е да ја охрабри и да ја поттикне евроинтеграцијата, но и да изврши притисок врз владата да направи позитивен исчекор. „Ова е невообичаена процедура. Нормална постапка е една земја да ги почне преговорите откако ќе се донесе одлука за почнување преговори“, оцени тој, додавајќи дека ова е напор на Брисел да го пополни вакуум-просторот, но и да изврши мониторинг и притисок.
Новите ОБВРСКИ за Македонија
МЕДИУМИ:
- Да се измени и дополни законодавството за клевета, да се подобри судската пракса и да се зајакнат професионалните стандарди. - Советот за радиодифузија да ја подобри примената на прописите за сопствеништво на медиумите и изменување и дополнување на законодавството.
ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАВА
- Да се подобри ефикасноста на правосудството - Да се подобри квалитетот на правосудството и независноста на судството - Да се зајакнат антикорупциските мерки и нивна проверлива примена - Да се зголеми ефикасноста и транспарентноста при управувањето со истражната техника на следење на комуникациите - Да се подобри дијалогот меѓу заедниците
РЕФОРМА НА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА
- Да се подобри управувањето со човечките ресурси - Да се подобри рамката за управување со управни постапки - Да се продолжи со процесот на децентрализација
РЕФОРМА НА ИЗБОРИТЕ
- Да се обезбеди доволна одвоеност на државата од партијата - Да се отстранат пропустите и нејаснотиите во Изборниот законик - Да се заврши со деталната ревизија и со прегледот на Избирачкиот список
ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ПАЗАРНАТА ЕКОНОМИЈА
- Да се подобри пазарот на трудот и образованието - Да се подобри деловната средина - Да се зајакне креирањето на економската политика и нејзино спроведување
Ахмети: Ова се преговори, не дијалог!
„Дијалогот на високо ниво, всушност, е започнување на преговорите, бидејќи на ист начин продолжуваат и другите земји кои и официјално ги започнуваат преговорите за членство во ЕУ“, одговори претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со еврокомесарот Штефан Филе.
Отворањето на суштинскиот дијалог, според него, има и симболично значење и праќа порака да не се изгуби довербата за унапредување на прогресот на земјата кон ЕУ, но, секако, подвлече, претставува и мотив за сите нас да работиме повеќе.
„Сакам да ја истакнам важноста на суштинскиот дијалог за поглавјата 23 и 24, како и нашите ветувања за тоа дека сите министерства треба да ги исполнат своите обврски што произлегуваат од овој дијалог за овие поглавја, со цел да не ги разочараме ниту нашите европски пријатели ниту сите граѓани кои посакуваат да ја видат Македонија во ЕУ“, изјави Ахмети.
|