15.03.2012, 17:25 Предупредување до уставните судии - Да не се пречекори „црвената линија“
„Уставниот суд не смее да се доведе во ситуација да ја дефинира автономијата бидејќи за тоа нема основа во Уставот“, изјави вчера Стојанчо Стојковски, претставник од правниот сектор од Министерството за образование. Тој го предупреди судот дека не с��ее да се доведе во ситуација да ја дефинира автономијата, односно ако ги укине оспорените одредби, ќе ја повлече како што рече „тенката црвена линија“. Ова го сврте вниманието на присутните, посебно на претседателот на Уставниот суд, Бранко Наумоски, кој му реплицираше, прашувајќи го дали зборува во свое лично име или во име на Министерството. На тоа Стојковски одговори дека зборува „во свое име како вработен во Министерството за образование“.
Според Стојковски, во Уставот не е дефинирана автономијата, туку дефинирано е „нивото на нејзината гаранција“. Тој додаде дека уставотворецот му дал овластување на законодавецот да ги дефинира основањето, условите за вршење на дејноста и престанокот на работата на универзитетите. „Сите конкретни решенија се на линија на оваа уставна одредба, а не станува збор за мешање на државен орган“, тврдеше Стојковски. |