15.07.2012, 18:56 САД ги поздравија напорите на Македонија во борбата против трговијата со луѓе
Американската амбасада уште еднаш ги пофали напорите на Македонија во борбата против трговијата со луѓе. Две години по ред, нашата земја е рангирана во првата категорија во Извештаите на Стејт департментот за трговија со луѓе, а во неодамна објавениот Извештај за 2012 на македонската Влада и' беше оддадено признание за постојаните напори во ефикасното справување. Оценката е донесена врз основа на анализите направени во сферата на законодавството, на спроведувањето на законите, како и за рехабилитација на жртвите од трговијата со луѓе.
Честитајќи го успехот и оддавајќи им признание на министерствата за внатрешни работи и труд и социјални работи, како и на неколку невладини организации што работат во оваа сфера, амбасадорот на САД, Пол Волерс, потенцираше дека „ропството на денешницата не може да се елиминира доколку нема цврсто партнерство меѓу владини агенции, невладини организации, но и општество кое одбива да толерира трговија со луѓе“.
Волер им додели посебни признание за нивниот досегашен ангажман на четворица поединци кои со години работат на идентификацијата, заштитата и помошта на жртвите на трговијата со луѓе.
Борбата против трговијата со луѓе останува важен приоритет во надворешнополитичката агенда на САД, бидејќи овој проблем се смета за глобален. (Г.Д)
|