15.07.2012, 18:50 Судир на два титани на локалните избори
Ќе се избира меѓу добрите и лошите, меѓу црното и белото, за политичко виножито, очигледно, ќе почекаме
Наум Котевски
Големи се шансите, што е и наша интенција, на наредните локални избори да излеземе со единствени листи, односно со заеднички кандидати за советници и градоначалници, велат за „Утрински весник“ извори од ВМРО-Народна, по најавата за коалицирање на оваа партија со фронтот предводен од опозицискиот СДСМ.
Ова прагматично размислување, обременето со егзактноста на математичките операции, претставува само потврда на претпоставките дека во мај наредната година граѓаните ќе бидат сведоци, но и директни учесници во немилосрдниот судир на два политички титани. На едната страна ВМРО-ДПМНЕ, со своите коалициски партнери, на другата СДСМ со своите. Ќе се одбира меѓу добрите и лошите, меѓу црното и белото, за политичкото виножито, очигледно, ќе почекаме.
По најавите дека е можна изборна соработка меѓу СДСМ и опозициската партија на Албанците ДПА, лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети навести можност за меѓусебна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ пред првиот круг од локалните избори.
Лидерот на ВМРО-НП, Љупчо Георгиевски, со кого разговаравме деновиве не сакаше да го коментира ваквото можно сценарио во борбата со владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои влегуваат со голема предност, бидејќи имаат контрола врз речиси две третини од општините во државава.
„Рано е да се дефинираат работите. Има време до изборите. Ние како партија влеговме искрено и релаксирано во сите разговори“, ни изјави Георгиевски, кој тврди дека нема никакви амбиции за каква било функција.
Според него, ВМРО-Народна прави реална процена, без лажно самовеличање, за што подобар резултат на опозицискиот фронт.
„Се јавуваат најразлични шпекулации. Но, позитивната атмосфера кај опозицијата допрва ќе се види. И покрај претпоставките дека наш кандидат може добро да помине во Охрид, ние сме подготвени и тој терен да му го оставиме на СДСМ“, дополнува Георгиевски, на чии полици во канцеларијата, меѓу другите книги, стои и онаа на првиот претседател Киро Глигоров - „Македонија е се' што имаме“.
Експремиерот вели дека не разговарал со СДСМ и околу можниот кандидат кој би му се спротивставил на Коце Трајановски во Скопје, а не сакаше ниту да посочи некого од социјалдемократите кој, според него, би бил најуспешен во таа тешка битка. Патем, искажа неверување во шпекулациите дека некогашниот градоначалник Ристо Пенов можеби ќе се обиде да се реактивира во градската фотелја.
„Неблагодарно е сега јас да ги советувам кого да кандидираат. Не сум разговарал со Црвенковски на таа тема. Кога би ми посочил, да речеме, тројца можни кандидати, би му го кажал моето мислење. Вака оставам тие самите да си одлучат“, ни рече Георгиевски. Тој деновиве треба првин да се сретне со претседателот на ЛДП Андреј Жерновски, кој е на одмор, а потоа и со Црвенковски, кој има „работно лето“, меѓу другото и за да видат како ќе се настапи на завршниот митинг во Скопје на 3 септември.
Како и да е, најавите од ВМРО-Народна за единствени листи претставуваат продолжение на изјавата на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, дадена во автобусот со кој минатиот викенд патуваше за Крива Паланка.
„На овие избори доколку се формираат два силни блока, може да се случи изборите во 80 отсто од општините да завршат во првиот круг“, и' најави Црвенковски на јавноста поедноставување на локалните избори, кои се мошне комплексни, поради различните модели за избор на градоначалници (мнозински во два круга) и на советници (пропорционален во еден круг). Како и поради тоа што резултатите не ретко ги принудуваат на „кохабитација“ властите во една општина, затоа што се случува градоначалникот и мнозинството во советот да бидат од различни политички опции. |