15.07.2012, 18:52 Работен викенд на СДСМ во Богданци
Седмиот по ред викенд од „Работното лето“, членовите на раководството на СДСМ го поминаа во Богданци, Валандово и Дојран. На средбите со локалните жители, како најургентни биле посочени инфраструктурните проблеми во селата и проблемите на земјоделците и на младите.
„Ни порачаа на нас, пратениците, да им се обратиме на колегите од мнозинството, како и на Владата, дека субвенциите не им се потребни, туку дека им е потребен откуп и пласман на производите. Младите бараат вработувања, седат или се иселуваат, иако се високообразовани кадри. Бараат, преку вложувања во инфраструктурни објекти, да се изградат капацитети кои ќе овозможат вработувања, за луѓето да останат во своите родни места“, рече Ана Павловска-Данева, потпретседателка на СДСМ.
Социјалдемократите ја посетија и парцелата на која пред пет месеци претставници на Владата и локалната власт поставија камен-темелник на откупно-дистрибутивен центар кој треба да го градат инвеститори од Дубаи и од Германија, а на која се' уште нема никакви градежни активност. За потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев, ова е уште еден доказ дека политиката на актуелната власт се темели само на промовирање, без конкретни резултати.
„Овде сме да покажеме на кој начин функционира политиката на ВМРО- ДПМНЕ, чија единствена потреба е да се сликаат, да се промовираат, да се рекламираат, без да имаат реална подлога за тоа“, рече Заев. Најголемата опозициска партија го промовираше Зоран Прочков како кандидат за градоначалник на Богданци на следните локални избори.
Пред опозицискиот митинг што синоќа требаше да се одржи во оваа општина, премиерот Никола Груевски изјави дека лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, треба да им објасни на жителите на Богданци, Валандово и Дојран зошто во негово време немало проекти во овој регион, зошто ги потценувал земјоделците и издвојувал само пет милиони евра за субвенци�� за нив. Според Груевски, за Црвенковски ќе биде голем проблем да им објасни зошто во негово време не се чистеле каналите, па често се случувале поплави. (С.Т.) |