18.07.2012, 18:58 Црквата им држи лекции на политичарите и новинарите
Светиот архијерејски синод вчера со соопштение побара да остане уставното име
Деспина Трајковска
И црковните власти официјално застанаа зад заложбите на централната власт, државава ни под кои услови да не дозволи промена на уставното име. Црквата, како што наведе вчера во соопштение Светиот архиерејски синод, ќе дава поддршка за Владата до крај да истрае во борбата со јужниот сосед во спорот со името, бидејќи Македонија и Македонците, како што оценуваат црковните власти, се смисла на нашето минато и иднина.
МПЦ, без да посочи конкретно име, го повикува јавно најгласниот говорител на нечуените фалсификати и лаги за македонската вистина да и се извини на македонската јавност.
„МПЦ не може, а да не ја искаже својата вчудоневиденост и запрепастеност од зачестените изјави на поединци и партии, со кои не само што се удира по јазичниот и национален идентитет на македонскиот народ, туку преку говорењето на невистини до крајни, нечовечки граници, се омаловажува секој труд и секоја жртва на нашите предци, но и на нашите современици, за самостојна и просперитетна Република Македонија. Го повикуваме нашиот народ не само да остане глув на ваквите користољубиво-должнички емисари на пропагандите од 19. век, туку на легитимен, правдољубив и демократски начин да ги ‘награди‘ со конечен заборав и да им го покаже нивното место во свршеното минато“.
Вака вчера се огласи Светиот архиерејски синод на МПЦ, по седницата која се одржа во чест на јубилејот 45-години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија. Црковните власти истакнаа дека ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во светските демократски организации, но, само доколку тие се засноваат на позитивните правила и законските а не по цена на губење на сопствениот јазичен, национале��, историски и културен идентитет.
Преку соопштение, МПЦ апелираше сите чинители на политичкиот и медиумскиот простор, достоинствено и во согласност со правилата за коректност и потребна меѓусебна почит да се обраќаат до своите политички противници и до јавноста, внимавајќи на секој искажан збор. |