18.07.2012, 18:49 Од денеска на работа по старо
Вработените во државна и јавна администрација, од денеска на работа ќе одат по старото работно време од 8,30 до 16,30 часот. На работа треба да се вртат и трудниците и лицата над 60 години. Владата вчера одлучи да ги повлече мерките за заштита од топлотниот бран, откако дојде до пад на температурите, кои според метеоролозите треба да се задржат и во следните неколку дена.
„Владата одлучи да ја прекине и мерката за забрана на работа на отворено, која важеше во периодот од 11 до 17 часот. Исклучок се градинките каде што и натаму важат препораките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот“, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Владата и надлежните институции продолжуваат будно да ја следат состојбата со температурите, и доколку се појави потреба, како што нагласи Ѓорѓиев, веднаш ќе бидат преземени дополнителни мерки.
И единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи продолжуваат со поактивен пристап во давање помош на осамените стари изнемоштени лица и бездомници.
Од Владата потсетуваат дека населението во целиот летен период треба да ги почитува општите мерки за заштита на здравјето. (Ј.Ј.) |