18.07.2012, 18:51 Владата се брани: Kириите ќе го исплатат „Скопје 2014“
Горан Адамовски
Со лични навреди, подбивни коментари, невкусни споредби и со постојани дофрлања од место, помина и вчерашната собраниска расправа за „Скопје 2014“. Пратеникот од СДСМ Јани Макрадули зборуваше за расипничко трошење, предупредуваше дека проектот го уништува македонскиот идентитет и апелираше да се престане со изградба на споменици, повикувајќи се на резултатите од последната анкета на „Рејтинг“, според која, над 80 проценти од граѓаните го барале тоа.
Владејачката партија, пак, објаснуваше дека во проектот најмалку се градат споменици и уверуваше оти парите ќе се вратат, бидејќи ќе се спасат евра за кирии што досега ги плаќаа државните институции, а кои наскоро ќе се вселат во нивни домови.
Самото име на расправата предложена од опозицијата, „Информација за продолжување и интензивирање на прекумерното, расипничко и криминално трошење на народни пари во забеганиот проект на власта ‘Скопје 2014‘“ беше гаранција за остра полемика. Прв зборуваше Макрадули, кој потоа, со часови реплицираше со пратениците од власта. Макрадули, посочувајќи делови од книгата „Мојата борба“ на Адолф Хитлер, оцени дека штетноста на проектот допрва ќе се види. Потоа пресмета кога ќе се врателе парите. Оптимистичката годишна бројка на туристи што ја посетуваат Македонија е 300.000. Таксата е 40 денари, значи годишно од туристите земаме 195.000 евра.
„‘Воинот на коњ‘ ќе го исплатите за 51 година, а целиот проект за 1.750 години. Дај боже да се најде некој лек, па сите да сте живи и здрави до тогаш и да речете: ‘Еве ние го направивме проектот‘“, рече Макрадули. Тој им префрли на пратениците од власта дека ги рехабилитирале Тодор Александров и Ванчо Михаилов. Порача дека сите ќе треба да одговараат, а не само Груевски. На крајот забележа дека Бонева, Ѓорчев и Димовски требало да облечат костими и да застанат до спомениците на Мара Бунева, Алексан��ар Македонски и Тодор Александров за да ги привлечат туристите.
„Не ве болат спомениците, кои се само 10 отсто во проектот, туку тоа што вашите финансиери ќе останат без огромни пари, што досега ги добиваат за кирија од државните институции“, реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи низа државни институции, кои плаќаат кирија и до 400.000 евра годишно, а овие пари, според него, завршувале во џебовите на биснисмени, кои се финансиери на СДСМ. Неговата сопартијка Благородна Дулиќ рече дека државата годишно дава 1,8 милиони евра за кирија, пари што ќе се спасат кога институциите ќе се преселат во новите простории. Влатко Ѓорчев му забележа на Макрадули што го споредува Груевски со Хитлер и напомена оти со ставовите на СДСМ се согласуваат 10 милиони Грци и 6 милиони Бугари.
„Дали во бројката кај Бугарите ги вкалкулиравте и пратениците од вашата партија што се чувствуваат како Бугари“, не се даваше Макрадули.
Затоа, пак, нему постојано му се префрлаше за викенд-прошетките во Грција. Александар Спасеновски и Малиша Станковиќ потенцираа дека граѓаните го поддржуваат проектот, со тоа што му ја даваат довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи, а Косана Мазнева порача дека ако некој има докази за криминално работење во „Скопје 2014“, веднаш да се достават до Обвинителството. Изет Зекири од НДП смета дека имаме полни очи, а празен стомак, големи споменици, а мали фирми. Се чуди што хонорарите на авторите на спомениците се толку високи. Како пример ја посочи Валентина Стефановска, која заработи 2,6 милиони евра, што според него, е 18 отсто од вредноста на плоштадот Скендербег. Во дискусијата се спомна и Цеца и турбо-фолкот како избор на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои се залагаат за градење на македонскиот идентитет. |