17.10.2012, 17:14 „Несаканите гости“ од Македонија европски проблем
Ханс Петер Фридрих: Ромите немаат потреба од азил, туку бегаат од сиромаштијата и економската пропаст во нивните земји
Информацијата дека барањата за азил од Ромите од Србија и Македонија се драматично зголемени во Германија и во ЕУ стана жешка тема во германските медиуми, особено по изјавата на министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих дека во септември бројката се искачила на 2.450 лица, двојно повеќе од претходниот месец – и дека ќе продолжи да расте во октомври. Повеќето од азилантите, според владиниот извештај, се Роми, за кои Фридрих рече дека се „несакани гости“ кои „не ја почитуваат германската политика за азил“. Тој најави дека ќе се префрлат полицајци во федералната агенција за миграција за побрзо да се обработуваат поднесените апликации за азил. Повеќето баратели, според Фридрих, немаат потреба за политички азил и се луѓе кои бегаат од сиромаштијата и економската пропаст во нивната татковина.
Проблемот стана тема и на ниво на ЕУ, која признава дека Ромите се изложени на лоши услови за живот во нивните татковини. Меѓутоа, економската пропаст не е основа за добивање азил. На презентацијата на политиката на ЕУ за интеграција на Ромите во мај годинава комесарката за правда, Вивијан Рединг, спомена мрачни бројки. Според неа, дури 45 отсто од анкетираните Роми живеат во домаќинства во кои нема кујна, тоалет, туш, када или електрична енергија. Секој трет Ром е невработен, 20 отсто немаат здравствено осигурување, 19 отсто живеат под прагот на сиромаштијата. Сега ова е повик за будење“, изјави Рединг пред новинарите во Брисел.
Меѓу 10 и 12 милиони Роми живеат во ЕУ, што прави да бидат најголемо малцинство на континентот. Земјите-членки признаваат дека Ромите се цел на дискриминација и дека им е даден ограничен пристап до образование, можност за вработување и здравствена заштита. До 2020 година плановите за акција треба да донесат вистинска интеграција на Ромите. На краток рок, преговорите за интеграција на Ромите нема да го намалат бројот на барањата за азил во западна Европа. Од оваа причина, министрите за внатрешни работи на Германија, Франција, Австрија, Белгија и Луксембург апелираа до ЕК да ги преиспита правата на Србија и Македонија за безвизно патување.
Но, Агенцијата за доделување азил во германската држава Северна Рајна Вестфалија се пожали дека апликациите за азил од Роми кои живеат надвор од ЕУ – како Србија и Македонија – повеќе или помалку се отфрлаат без соодветно разгледување. Само затоа што овие земји се обидуваат да станат дел од ЕУ, не значи дека во нив не постои социјална дискриминација и нефер третман на пазарите за труд, велат од Агенцијата.
Барањата на ЦДУ-ЦСУ за враќање на визите, и од опозицијата и експертите во Германија се толкуваат како загрижувачки популизам против достигнувањата во ЕУ.
„Јас сум строго против барањата на министрите за внатрешни работи. Зголемен е бројот на Роми од Македонија и Србија, но во најголем број барањата за азил се одбиваат. Ако се погледнат бројките, ќе се види дека Германија има мал проблем каков што имаат и многу други земји. Во Грција, на пример, барателите на азил се за 50 проценти побројни. Но, поради ова и малите внатрешни проблеми што ги имаме, во никој случај не смее да им се одземе слободниот визен режим на граѓаните на Македонија и Србија“, изјави за „Дојче веле“ Мариелуизе Бек, пратеник во Бундестагот од Зелените. Според неа, „неодговорно е што ова значајно достигнување на надворешната политика е доведено во опасност поради кусогледоста на внатрешната политика“. И Михаел Хартман, пратеник на СПД, смета дека барањата за укинување на визната либерализација во голема мера се популистички, но се плаши дека иницијаторите можат бараното и да го постигнат. Според него, бројките не се толку драматични како што некои ги претставуваат, а проблемот нема да се реши со повторно воведување на визите.
„Долго работевме на либерализација на визите и постигнатото не смее да се прокоцка. Ако се повлече визната либерализација, има опасност земјите што добија позитивни оценки од ЕК повторно да се вратат на старите патеки“, предупредува Хартман.
Оливер Шварц, пак, експерт за европската надворешна политика од Универзитетот Дуизбург-Есен потсетува дека „зимскиот бран баратели на азил“ од Балканот не е нова појава и дека политичарите со него се занимаваат особено во предизборен период. Според него, шесте земји мораат да добијат согласност од 27-те држави за да ја сменат регулативата, а тоа е долга процедура за која треба една година. (Дојче веле)
|