10.09.2008, 18:45 Почна откривањето на универзумот... Ние се' уште сме овде
Не се остварија прогнозите на скептиците дека спореден производ на судирите би можеле да бидат микро црни дупки
ЖЕНЕВА - Најголемиот акцелератор на честички во светот вчера успешно го заврши првиот голем тест со пуштање зрак од протони низ 27-километарски подземен тунел на швајцарско-француската граница. Научниците се надеваат дека овој најголем светски експеримент во физиката е следниот голем чекор да се дознае составот на универзумот.
Протоните патуваа по целата должина на Големиот хадронски акцелератор (ЛХЦ) вреден 5,4 милијарди евра. По серија пробни пуштања, вчера две бели точки светнаа на компјутерскиот екран во 10,36 часот, што беше индикација дека протоните стигнале до последната точка од најголемиот акцелератор на честички во светот.
Научниците се надеваат да дознаат од кои компоненти се составени атомите со нивно судирање. Почетокот беше желно очекуван од 9.000 физичари во светот, кои тука ќе ги извршуваат експериментите. Успешниот почеток беше обележан со шампањско во лабораториите се' до Чикаго, каде што научниците ја следеа постапката преку сателит.
Експериментот започна во 9,32 часот. По одложување од 48 секунди, додека се создаде пулс, во контролниот центар во близина на Женева одекна аплауз, кога мал блесок светлина се појави на компјутерскиот екран, покажувајќи дека зракот ги поминал првите три километри од кругот од 27 километри. Останатиот дел од утрото, тимот на ЛХЦ се обиде да го насочи зракот протони низ целиот кружен ток, запирајќи го на некои места за да се коригира неговата цел. Во 9,55 часот зракот беше на половина пат, поминувајќи низ првите четири од осум сектори на разорувачот на атоми.
„Еве го“, рече лидерот на проектот, Лин Еванс, поздравувајќи го моментот кога зракот го заврши првиот половина круг, само 23 минути откако започна процесот на вметнување. Апсорбирачки блокови кои го запираат зракот се користат за да се спречи зракот да помине премногу долг пат во вакуумската цевка. Тие постепено ќе бидат отстранувани се' додека протоните можат да циркулираат.
Прво беше вметнат зрак во насока на движење на часовникот, а по него следуваше зрак во обратна насока, при што двата се судрија за да се симулираат условите на Големата експлозија (Биг бенг).
Доктор Еванс ја започна постапката во 9,15 часот по локално време со зборовите: „Да започнеме, сите“. Тој рече: „Зракот е веќе на влезот на ЛХЦ, а за неколку минути ќе го отстраниме апсорбирачкиот блок што го удира зракот и ќе го движиме по октанти. Потоа ќе ги направиме приспособувањата што се потребни“.
За првиот процес со зраците беа потребни 12 часа, кога беше вклучен претходникот на ЛХЦ, Големиот електрон-позитрон акцелератор. Доктор Еванс рече: „Колку време ќе треба, не знам. Се надевам дека ЛХЦ ќе биде многу побрз“.
Роберт Ејмар, директор на Европска организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) рече дека овој ден донел „комбинација од задоволство и надеж“, во обраќањето до персоналот во контролната просторија, непосредно пред вклучувањето. „Денес е голем ден за ЦЕРН и за ЛХЦ. Се' е подготвено да успееме. Браво за сите и со среќа. Ќе помине добро, уверен сум. Ви благодарам на сите“.
Во понеделникот вечерта имаше мали проблеми со електричната енергија, кога се јави недостиг во некои од системите за ладење, кои ги одржуваат суперспроводничките магнети на ЛХЦ на температура од минус 271 Целзиусов степен. Тоа беше надминато доцна во ноќта, така што „првиот зрак“ тргна навреме.
Големиот хадронски акцелератор - изграден уште во 2003 година - им овозможува на научниците со многу поголема моќ од кога и да е да ги судрат составните делови на атомите, во обид да дознаат како се создадени. „Зракот е со големина на човечко влакно“, рече Паола Катапано, портпарол на организацијата-домаќин ЦЕРН, откако протоните беа пуштени во акцелераторот. Организацијата, позната по францускиот акроним ��ЕРН, ги пушта протоните - еден вид субатомски честички - низ тунелот во фази, по неколку километри. Откако зракот ќе биде успешно тестиран во насока на движењето на часовникот ЦЕРН ќе го испрати во обратна насока. На крајот, двата зрака ќе бидат пуштени во обратни насоки со цел да се судрат протоните и да се дознае како се создадени.
Постапката беше изведена и покрај приговорите на некои скептици кои стравуваа дека судирите на протони конечно би можеле да ја загрозат Земјата. Скептиците теоретизираат дека спореден производ на судирите би можеле да бидат микро црни дупки, субатомски верзии на пропаднати ѕвезди, чија гравитација е толку силна што можат да ги повлечат планетите и другите ѕвезди.
„Тоа е бесмислено“, рече Џејмс Џилиес, главен портпарол на ЦЕРН пред вчерашниот почеток. ЦЕРН има поддршка од водечки научници, како што е Британецот Стивен Хокинг, во отфрлањето на стравувањата и прогласувањето дека експериментите се апсолутно безбедни. Жил изјави за Асошиетед прес дека најопасното нешто што би можело да се случи е ако зрак со цела сила излезе од контрола, а тоа само би го оштетило акцелераторот и би направило дупка во карпата околу тунелот. Покрај тоа, за да се постигне цела сила веројатно треба уште една година. „Вчера започнавме малку. Она со што стартуваме е еден сноп, со низок интензитет, со ниска енергија, и тоа го пробиваме наоколу. Ќе стекнеме искуство со ниска енергија и потоа ќе продолжиме понатаму, бидејќи подобро ќе ја познаваме машината“, рече тој.
Џилиес истакна дека добар резултат од вчера би бил кога еден зрак би го поминал целиот пат низ тунелот во насока обратна на движењето на часовникот. Ако тоа функционира, научниците потоа ќе се обидат да испратат зрак во другата насока. „Навистина добар резултат би бил и другиот зрак да помине, исто така, бидејќи кога ќе помине зракот во двете насоки, се знае дека нема застанување. Ќе работи“, рече Жил.
Сепак, доколку има блокади во машината, експертите ќе треба да го поправат проблемот, а тоа би одзело време. Акцелераторот ЛХЦ ќе им овозможи на научниците за дел од секундата лабораториски да ги создадат условите на Биг бенг, за што теоретизираат дека е огромна експлозија со која е создаден универзумот.
Проектот организиран од 20 европски земји-членки на ЦЕРН привлече истражувачи од 80 националности. Околу 1.200 се од САД, земја-посматрач која придонесе 531 милион долари. Друг голем посматрач е Јапонија која, исто така, придонесе многу. Акцелераторот е замислен да го поттурне протонот близу до брзината на светлината, пролетувајќи 11.000 пати во секундата низ тунелот. (Асошиетед прес)
|