03.06.2012, 19:35 Поглед
Работно лето
Горан Адамовски
Жешко лето, во кое ќе нема ниту сл��бодни викенди, најави опозициската дружина на чело со СДСМ, претставувајќи го своето патешествие во сите градови и села низ земјава. Да ги слушнат маките и мислењата на граѓаните, да ги кажеле своите предлози. Дојде време да се делегитимира власта, не смее да се губи време, летово мора да се работи, порачуваат опозиционерите.
Додека тие се подготвуваа за офанзива, владините стратези смислија контратактика. Премиерот објави пакети мерки, со кои ќе дојде до вработувања на 8.000 луѓе, фирмите полесно ќе доаѓале до кредити, социјалците ќе живнат и ќе имаат шанса да ја ублажат голготата низ која несомнено минуваат.
Ланското лето беше изборно. Се подготвуваше теренот за добивање поддршка од народот, потоа се сумираше кој што направил, кој е разочаран, а кој среќен, па на крајот, сепак, стивнаа работите.
Оваа година, барем навидум, требаше да биде мирна. Но, неуспехот на Самитот на НАТО во Чикаго, а уште повеќе локалните избори што се на програмата идната пролет, суптилно најавуваат дека од мирното лето веќе нема ништо.
Впрочем, нашите политичари и партии и онака се однесуваат како постојано да се на избори. Место плански активности, кои во догледна иднина би можеле да донесат бенефит за сите што живееме под ова парче небо, тие одбираат ситно профитерство.
Што ќе биде утре или за пет, десет години, не е важно. Ако тоа значи цело лето на улица или, пак, нонстоп ветувања за македонско Елдорадо, нема проблем. Играта е одамна прочитана, само на вистинскиот потег ќе почекаме уште долго.Барем така изгледа. |