03.06.2012, 19:34 Владини мерки: малку сме скептични, но вреди да се поздрават
Експертите во новиот владин пакет не препознаваат решение за eкономскиte проблеми
Нина Нинеска-Фиданоска
Најавувајќи ја бомбастично и пренесувајќи ја во живо саботната владина прес- конференција, јавноста веројатно очекуваше дека тимот на премиерот Никола Груевски ќе излезе со крупна политичка или економска одлука, но нивото на возбуда како да спласна кога се слушна најавата за уште еден сет економски мерки, со кои би се подобрила економско-социјалната слика на земјата и би им се помогнало на најзагрозените категории од граѓанството.
Серии од економски мерки и досега биле најавувани и спроведувани, дел и многу слични на овие најновиве, особено откако се разгоре економската криза во 2009 година.
Бизнисмените како да беа затечени од најновиот викенд - владин пакет и не сакаат премногу да се впуштаат во оценки, со образложение дека детално не го разгледале. Првичниот генерален став е дека пакетот не треба да се напаѓа, туку да се поздрави, иако добар дел од мерките се социјални. Сепак, бизнисмените не се откажуваат од барањето Владата да се насочи на правилно трошење на буџетските пари за капитални инвестиции, како најдобар начин да се преброди кризата.
Мендерес Кучи, претседател на Комората на Северозападна Македонија, изјави дека се' уште ги нема разгледано мерките детално, туку за нив се информирал преку медиумите. Од тие причини, од Комората засега не сакат да излегуваат со паушални оценки за новиот сет.
„Прво треба детално да ги разгледаме мерките и да видиме какви ефекти тие би донеле. Исто така, треба да видиме која е позадината на нивното носење, бидејќи Владата ништо не прави без некаква позадина. Но, сега навистина нема време за некакви политички сценарија, бидејќи ни претстои навистина тежок економски период“, вели Кучи, додавајќи дека Комората не е воопшто против мерките, туку напротив, прво треба добро да се разгледаат, па да се дадат забелешки.
Во насока на подобро запознавање на стопанствениците со мерките е и денешната средба која министерот за финансии Зоран Ставрески ја закажал со дел од бизнис секторот, на која како што се дознава, тој ќе сака да го слушне нивното мислење за мерката за докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот.
Според Кучи, ако навистина сака да му помогне на стопанството, Владата мора бргу да реагира. „И сега веќе доцниме со некои работи, пред се' со инфраструктурните проекти, како што се изградба на патишта, гранични премини и други елементи. Овие проблеми го гушат стопанството и затоа мора што побргу да се надминат. Уште кога се обелодени ребалансот, ние бевме против кратењата кај капиталните инвестиции“, вели Кучи.
Според него, во време кога кризата е пред врата, мора да се носат стратешки решенија, а не ад хок мерки за намалување на невработеноста. „Ни требаат мерки што ќе донесат реални вработувања во компаниите, а не политички чекори. Ни требаат мерки што ќе го полнат буџетот, а не мерки преку кои ќе се трошат буџетски средства и преку кои не се создава никаква нова вредност, туку само се вртиме во круг. До Владата апелираме домаќински и одговорно да ги троши буџетските пари и неселективно да се раздолжи кон стопанството“, нагласува претседателот на Комората на Северозападна Македонија.
Никола Поповски, универзитетски професор, вели дека мерките што ги промовираше Владата немаат никакво економско значење и дека со нив нема да се решат главните економски проблеми.
„Клучните проблеми со кои се соочува Македонија се падот на индустриското производство, економската стагнација, немањето инвеститори, падот на стандардот на населението и високата сиромаштија, намалувањето на извозот, растот на надворешната задолженост и многу други слични проблеми. Мерките насочени кон помош на социјално загрозените, ваучери за компјутери, прераспределба на земјоделско земјиште и одредени бенефиции за социјалните случаи што се невработени, како и слични на нив, нема да решат ни еден од наведените економски проблеми“, вели поранешниот министер за финансии.
Според него, Владата има илузија дека со вакви мерки, со кои стекна привидна популарност во 2007 и 2008, може да продолжи и натаму, иако, вели, ништо од тоа не даде резултати. „Мерките што ги промовираше Владата во саботата само покажаа за кое ниво на безидејност се работи кога е во прашање економската политика. Ваквите импровизации што не се однесуваат на клучните економски проблеми и реформи, всушност ја донесоа земјата во оваа економска состојба“, вели Поповски.
Првичниот впечаток на бизнисменот Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори, иако се оградува оти владиниот пакет не го прочитал детално, е дека главно станува збор за социјални мерки, но дека постојат и такви мерки кои се за поздравување.
„Некои од мерките се навистина за поздравување. Таква е онаа за докапитализација на МБПР, и според мене, секоја година треба да се носи таква мерка. Исто така, добра идеја е обезбедувањето евтини кредити од Европската инвестициона банка, чија камата треба да биде субвенционирана. Мерките околу вработувањата најверојатно треба да овозможат микрофирмите полесно да вработуваат. Остатокот се социјални мерки“, објаснува Чекреџи. Според него, заеднички за целиот владин пакет мерки е што со него Владата се обидува да ја поттикне домашната потрошувачка.
Студентска поддршка за новиот пакет
Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ го поддржа пакетот мерки презентиран во Владата.
„Со тие мерки на голем број студенти ќе им се овозможи вработување, а оние од социјално загрозените семејства ќе добијат ваучер за компјутер. Апелираме до Владата и натаму да продолжи со вакви реформи и мерки, со што и дополнително би се подобрил студентскиот живот во Македонија“, истакна Иван Живковски, претседател на Студентскиот парламент.
Во новиот пакет, покрај мерките за вработување и самовработување, ќе се доделуваат ваучери за компјутери за апсолвенти на државните универзитети, кои се од социјално загрозени семејства. Критериуми се апсолвентот да студира на државен универзитет, да живее во семејство кое е корисник на социјална помош или чии приходи на двата родители се до 12.000 денари.
СДСМ: Вистинска мерка е Владата да се раздолжи со фирмите
Новите мерки на Владата се само паничен обид да се создаде лажна слика, затоа што има катастрофални економски резултати, а локалните избори се ближат. Во отсуство на идеи, мерките се набрзина направени, како безуспешен обид на ВМРО-ДПМНЕ да парира на теренските активности на СДСМ со граѓаните. Вака потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, вчера од Струмица ги оцени завчера промовираните мерки за спас и подобрување на економската состојба во државата. „Вистинска мерка на Владата ќе беше да им ги врати на фирмите милионите евра што им ги должи за неплатени обврски и за поврат на ДДВ. Само таа, една единствена мерка, ќе и' помогнеше на македонската економија десет пати повеќе од сите мерки што ги најави“, рече Јовановски.
Тој додаде дека „во новите мерки на владата има и една која е преземена од пакетот на 27 мерки на СДСМ.
На ова од ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираа дека СДСМ не ги решава проблемите на граѓаните. (С.Т.) |