03.06.2012, 19:26 Иванов: Иднината на Балканот зависи од Европа
Иднината на Балканот зависи од Европа, но и европската иднина делумно зависи од Балканот, порача македонскиот претседател во обраќањето на 10-тиот УНЕСКО самит на лидерите од Југоисточна Европа, што се оддржува во Мостар.
„Мојата визија и мото отсекогаш биле: Европскиот мир е неостварлив без балканскиот мир. Сметам дека обединувањето на европскиот континент и напорите за остварување на визијата за Европа обединета во различностите може да се оствари преку примена на моделите на мултиетнички соживот кои постојат на Балканот, особено македонскиот модел“, рече тој.
Македонскиот модел, рече Иванов, е модел на мултиетничка демократија која подразбира интеграција без асимилација.
„Верувам дека ваквите позитивни балкански искуства можат да помогнат во обликувањето на европската иднина“, рече Иванов. „Членството во ЕУ ќе помогне во релативизирање на границите во ЈИЕ“, додаде тој.
Иванов смета дека и покрај турбулентните 90-ти години на минатиот век, земјите од ЈИЕ денес можат да понудат автентичен модел на мултиетнички, мултирелигиозен и мултијазичен соживот.
Осврнувајќи се на границите на балканските земји, шефот на државата истакна дека несреќите дошле тогаш кога почнал процесот на создавање на границите. „Но, постои излез. Овој код кој го имаме треба да биде ставен во функција на иднината во која повторно ќе ги релативизираме границите на Балканот. Само преку членството во ЕУ можеме да го оствариме ова“, подвлече Иванов. (П.Р) |