03.06.2012, 19:12 Заев ја почна трката за трет мандат
За актуелниот градоначалник, гасоводот и градскиот плоштад најголеми инвестиции во Струмица
СТРУМИЦА - Новиот градски плоштад и гасоводот се двата најголеми проекта што во последните три години ги има реализирано Општина Струмица, а вчера точно напладне на плоштадот ги промовираше актуелниот градоначалник Зоран Заев и кандидат за трет градоначалнички мандат.
Целото раководство на СДСМ изминатиот викенд се пресели во Струмица,од каде синоќа ја почнаа серијата митинзи што ќе ги одржуваат цело лето.
„Се работи за два капитални проекти од огромно значење за Струмица. Градскиот плоштад ги дефинира првите подземни улици, подземни семафори и паркинзи во Република Македонија, едно софистицирано и модернистичко решение, кое претставува нов симбол на живеење во градот Струмица. Проект вреден 3,7 милиони евра, исклучиво средства обезбедени од буџетот на општината и претставува гордост на Струмица. Вториот проект е гасификацијата, проект исто така изграден од сопствени средства на граѓаните преку буџетот на општината, досега вреден 1,7 милион евра. Сакам сите да знаат и да спомнат дали владата на Република Македонија, за овие три години, одземајќи ги сите кредитни линии и грантови што се кон државата, од сопствени средства има изградено такви капитални проекти“, рече Заев.
По објавувањето на кандидатурата на Зоран Заев за трет градоначалнички мандат и по презентирањето на капиталните проекти, реагираа од разгранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Обвинија за многу ветени и нереализирани проекти и пропаднати фабрики за време на владеењето на СДСМ, а потсетија и на аболицијата на Заев.
„Зоран Заев сега бара трет мандат. Е, тоа е арогантно и безобѕирно. Зоран Заев е истрошен политичар, исто како Бранко Црвенковски. Македонија памети и Струмица памети“, рече пратеникот Славе Гошев. (С.Т.) |