03.06.2012, 19:30 И земјоделците ги поздравуваат мерките
Земјоделците ги поздравуваат најновите мерки на Владата за легализац��ја на земјоделските објекти, опремата, нерегистрираните трактори и тракторските приколки. Според нив, за поддршка се и мерките кои предвидуваат доделување 850 хектари на плодоуживање за социјално необезбедените лица. „Земјоделството не е она што беше пред неколку години, работите се променети од корен, не само во однос на субвенциите. Тоа го овозможи Владата, која, преземајќи конкретни чекори, покажа дека е вистински ангажирана за решавање на проблемите во аграрот. Во таа насока се и овие најнови мерки“, изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.
Според него, легализацијата на објектите е посебно добредојдена за сточарството, а генерално ќе овозможи поголемо искористување на ИПАРД- средствата. Легализацијата на механизацијата, пак, ќе овозможи регистрација на старите трактори, на донесените од европските пазари како половни без соодветна документација или на купените дома пред 20 години, за кои е изгубена документацијата.
Сојузот смета дека позитивно врз земјоделството ќе се одрази и владината мерка која на компаниите ќе им обезбеди поволни кредити. „Сега ќе се намали рокот на чекање на парите од оние што купуваа пченица, сончоглед, грозје“, нагласи Тантаров.
Со легализацијата на тракторите, вистинските земјоделци ќе дојдат до израз, точно ќе се знае кој се занимава професионално со оваа дејност, оцени Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители. Легализирањето на објектите, пак, е добредојдено за задругите кои при формирањето најчесто користат напуштени, стари простории. „Верувам дека вистинските земјоделци ќе ја искористат шансата и ќе ја регистрираат механизацијата за поскоро да дојдат до средствата што навистина им се потребни во текот на сезоната кога треба да ја обработуваат површината“, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот. |