22.05.2012, 19:20 Лустрацијата помина без опозицијата
Светлана Унковска
Парла��ентарното мнозинство ја почна расправата и го прифати новиот закон за лустрација, и покрај тоа што опозицијата ја напушти собраниската седница. Опозициските пратеници јасно го соопштија својот став, односно несогласувањето, на комисиските расправи по предлог-законот за лустрација, по што рекоа дека нема да гласаат за него. Но, владејачкото мнозинство остана глуво на предупредувањето. ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозиционерите се против законот, бидејќи немале искрена волја за вистинска лустрација.
Предлог-законот за лустрација помина на прво читање во Собранието со гласовите на пратениците на мнозинството, а од опозицијата единствено во салата беа присутни ДПА и на НДП од албанскиот блок. Побројната опозиција остана надвор од салата додека се гласаше за законот, за кој се потребни 62 гласа, иако за тој да биде легитимен потребен е широк консензус од политичките партии.
„Тоа што се направи е преседан. Да се турка на сила закон за лустрација без консензус, досега не се случило во ниту една држава. Тоа е насилничко однесување на владејачкото мнозинство, но очигледно е дека власта решила да го направи тоа што го зацртал нивниот партиски шеф“, коментираше потпретседателката на СДСМ Ана Павловска-Данева. Освен отсуството на широк политички консензус, таа наведува уште неколку поенти поради кои смета дека ваков чувствителен закон во основа ја губи легитимноста. Данева вели дека во ниту еден случај закон за лустрација не смее да биде предмет на политичко пазарење и уцени меѓу владините партнери, со оглед на тоа што ДУИ ја услови својата поддршка со законот за рехабилитација. Исто така, потребна е широка јавна дебата во која, покрај власта, ќе бидат вклучени и опозициските партии и експертската јавност, но особено потенцира дека новиот текст на законот е неуставен.
„Ние уште стоиме на нашиот став и очекуваме ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Силвана Бонева, да се освести и да го повлече законот. Потоа да отвори широка јавна расправа и да донесеме заедничко прифатливо решение, кое пред се' ќе биде во согласност со Уставот. Ако тоа не се случи, а најверојатно нема да се случи, за нас процесот на лустрација ќе биде нелегитимен“, вели Данева.
Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, вели дека СДСМ не сака да има вистинска лустрација и дека поради тоа побегнале од дебатата во Собранието.
„Ние законот го доставивме до сите пратенички групи и сите имаа можност да достават забелешки, но СДСМ воопшто немаше никаков коментар. Очигледно е дека тие не сакаат да има лустрација и да го усвоиме законот кој е усогласен со европското законодавство“, тврди Бонева. И таа со порака до своите колеги од опозицијата - да се демократизираат и да се согласат да се расчисти со мрачното минато. |