21.08.2012, 16:23 Станарите од Карпош ќе можат да земаат заеми за фасадите
Општинарите и „Хабитат“ потпишаа Меморандум за соработка од областа на енергетската ефикасност
Куќните совети на зградите во Карпош со посредство на Општината ќе можат да земаат заеми за спроведување мерки за енергетска ефикасност во објектите. Тоа ќе им биде овозможено со Меморандумот за соработка што Општина Карпош вчера го потпиша со „Хабитат Македонија“, здружението за хумано домување.
Соработката, поточно проектот, е планирано да трае до април 2014 година. Освен што ќе можат да земаат заеми за промена на дотраената дрвенарија, фасада и слично, од „Хабитат“ на сите граѓани од Карпош ќе им понудат и можност за обуки на куќните совети, а во план е да се организираат и обуки за подобрување на работните вештини и можности за вклучување на пазарот на трудот наменети за средношколци, невработени градежни работници, микро претприемачи... Со потпишувањето на Меморандумот, Општина Карпош и „Хабитат“ се обврзаа да преземат мерки за подигнување на јавната свест за резиденцијалната енергетска ефикасност преку организирање работилници, годишни собири...
„Врз основа на разбирањето на значењето на енергетската ефикасност, овој Меморандум за соработка ќе овозможи непречено спроведување на активностите наменети за подобрување на енергетската ефикасност во колективното домување“, истакна вчера градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Од „Хабитат“, пак, истакнаа оти се надеваат на успешна соработка, имајќи ги предвид досегашните заеднички активности со Карпош при обновата на фасадите на колективните станбени згради и други проекти.
Инаку, од Карпош потенцираат дека тие се првата скопска Општина која потпишала ваков меморандум. На слична соработка досега се обврзале Куманово, Тетово, Велес, Прилеп, Струга и Струмица. (Дс.Т.) |