27.09.2012, 12:43 Гоце Смилевски ја доби наградата за медитеранска култура
Смилевски ја освои престижната награда за романот „Сестрата на Зигумд Фројд“, кој е објавен и во Италија
За својот роман „Сестрата на Зигмунд Фројд“ објавен во Италија, Гоце Смилевски ја доби наградата за медитеранска култура што се доделува под покровителство на Министерството за култура на Италија и фондацијата „Карикал“. Признанието свечено ќе му биде врачено утре во театарот „Рендано“ во италијанскиот град Косенца.
Наградата за медитеранска култура досега ја добиле истакнати светски писатели, меѓу кои и добитниците на Гонкуровата награда, францускиот романописец од мароканско потекло Тахар Бен Желун и францускиот писател од либанско потекло Амин Малуф, како и израелскиот автор Амос Оз.
Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ минатата година го објави познатиот италијански издавач „Гуанда”, во превод на Давиде Фанчиуло. Написи за романот беа објавени во најтиражните дневни и неделни весници во Италија, а во дневникот „Кориере дела сера“ се појави интервју во кое авторот е најавен како „откровение што доаѓа од Македонија“.
Италијанската национална радиотелевизија (РАИ) во својот традиционален избор на десет најдобри книги преведени на италијански јазик во 2011 година го вброи и романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. За него Смилевски во 2010 ја доби Наградата за литература на Европската унија. Делото се преведува на 30 јазици во светот. |