24.02.2012, 18:34 Саботни муабети
Многу ме возбудва!
Огнен Јанески
Иако сум поборник на литературниот збор кога станува збор за пишана форма, некако овојпат чувствувам дека треба да си ја напишам на родум прилепски дијалект колумнава, зашто многу ме „возбудваа“ настаните изминатиот период. А и колумните како форма на изразување дозволуваат слобода при употребата на јазикот во дијалектна форма.
Не можам, а да не почнам во текстов да пишувам најпрвин за собраниското возбудување. Се дигнаа прашини, оти некој си пратеник си праќал љубавни есемесој со некоја си Наташа. Прво и основно, нема шо да го „дрви“ пратенико дури е на работа. Ја пари не му давам него, за тој да ја „онади телефонски“ Наташа.
Човекон што го казнија пред некое време во администрацијана оти гледал порно-клипови, да не е поразличен од овој? Тој кутриот немал со кого или која, па морал да гледа видео, а овај, демек голем љубовџија го направија, оти и' пишал на Наташа дека ќе „сетела таа како јако експлодирало и ритмично ја полнел со...“. Ах!!! Сакам да го знам исходот од поракава! Вака не е интересно!
Патем, како бе пратениче ќе ја полниш ритмично? Метроном да не имаш в спална, па да ти мери ритам на влез-излез или увоз-извоз и слични ми ти глупосници?
Е сега, ај тој шо ќе ја експлодирал, туку народецов шо се попали! На почетокот беше муабетот кој е чоеков и сите, од пусти срам, да не му се открие идентитетот од нивната партија, велеа дека е од спротивнана страна. Вмровцине даваа предлози за СДСМ, а есдеесовцине даваа предлози дека е од ВМРО. Па после испадна оти бил Казанова, па се препукуваа и кажуваа: „Е наш е де!“. Срамотилаци!
Почна да се шпекулира и со тоа чии биле прстите (демек многу биле фини за вмровец, а, пак, кај есдеесовците немало толку млади мажи), па се праеше муабетот која е Наташа, па по зборот „ВОЗБУДВАМ“ морала да биди од Западот негде, оти така зборувале таму. Демек или била од Битола, или од магистралата Охрид-Струга-Кичево. Ами што ако Наташа си има фетиш на некој дијалект? Тогаш што правиме?
Па следуваше: „Па се знае која Наташа - Наташа С.“ Море, таа Наташа С. сигурно на друг љубавник му пишувала, оти тој од порано шпекулираниот не е во Собрание веќе, колку што ме држи паметот. И ете не' – јово на ново, пак сме на почетокот.
Туку, гледан од друга страна муабетов – ш’о дека пратенико’ си праќал пораки? Демек најстрашното нешто во Собрание беше баш тоа –СМС-от што ни' го сервираа вчера. Море, дечки - арно оти водат љубов, а не војна! Оти на никого не му текна дека ич не е убаво што си делеа дијагнози цело време. Дека минативе седници никој не кажа ништо паметно - дека си се караа оти некој доцнел, оти некој требало да оди во Бардовци, оти им требале алко-тестови, нарко-тестови? Па никој не се праша дека ние не ги плаќаме за тоа? Никој не се праша дека не им е тоа работата? Па секој од нас, на работа ако почне да биде тужи-баба за тоа дека некој се дрогира или пие алкохол, нема да го сакаат.
И после се чудиме оти по карневалине луѓето ги ставаат политичарите како маски на себе. Па сета среќа шо не им се повтори случкана од порано со кутлачите и тенџерињата на кои што тропаа. Или со метличка кога ја чистеа говорницата.
Замислете си некој од нас – на работно место така да се испонаша? Замислете си да појдете на работа и да се буните, тропајќи на тенџере со кутлача? Одма ќе ви викнат жолто комбе, во најмала рака.
Еее, пусти народе, кој сака нека е пратеникот и која сака нека биде Наташа. Додека ние се храниме со евтини приказни, тие се хранат со скапи. Додека ние живееме во мрак, нашиот мрак ним им е светлина. Стигнавме до стадиумот – да ги воспеваме политичарите, што се менливи, а не да ги третираме, барем малку, трајните вредности. Како еднаш не не' ВОЗБУДВАШЕ нешто кое е вредно за гордост, а не за исмевање?
Секое чудо за три дена - секоја Влада за четири години. Освен ако нема предвремени избори секоја втора година. |