30.05.2012, 17:37 Десетдневна забава со жонглери и магионичари
Одење по жица ќе биде само една од неколкуте атракции на годинешниов фестивал на улични артисти „Баскерфест“, кој ќе почне утре и ќе трае до 10 јуни. Годинава скопјани ќе можат да видат перформанси на 30 артисти и 20 музичари, кои точките ќе ги изведуваат на плоштад „Македонија“ и во „Веро центар“.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано за петок со почеток во 19 часот пред „Веро-центар“. Од таму „уличниот циркус“ ќе се упати кон плоштадот, каде што градоначалникот Коце Трајановски официјално ќе го отвори „Баскерфест“, кој годинава се одржува по седми пат. Од „One Way“ вчера најавија дека меѓу учесниците ќе бидат и познати брејкденсери кои настапуваат на шоута на Џеј Лено, магионичари, танчери, жонглери и уметници од Австралија, Канада, Аргентина, Полска, Италија, Нов Зеланд, САД, Германија, Ирска, Јапонија, Боливија... Програмата на фестивалот ќе биде збогатена и со музички дел, а на плоштад ќе биде отворена и т.н. Пиво градина.
„Ова е манифестација која прерасна во долгогодишна традиција и е интересна не само за граѓаните од Скопје и Македонија, туку и за граѓаните од соседните земји“, истакна вчера организаторот Пане Темов.
Инаку, програмата на фестивалот ќе стартува од 18 часот и ќе трае до 2 часот по полноќ, односно еден час подоцна за време на викендите. (Дс.Т.) |