30.05.2012, 17:36 Клупи под тенда за жителите кај Педагошка академија
Жителите од станбениот блок кај Педагошка академија летово ќе можат да се релаксираат во ново катче во маалото. Општина Карпош подготви проект со кој ќе го реконструира постојното плато, кое е едно од најчестите свртувалишта на граѓаните од овој реон. Во план е да се поднови целата површина од 2.000 квадрати на која ќе биде поставена нова колоритна подлога, ќе се обноват жардиниерите, системот за наводнување... Новина за просторот ќе биде местото за релаксација со урбана опрема. Ќе бидат поставени 40 клупи, 20 канти за отпадоци и исто толку локери за велосипеди. Сето тоа ќе се покрие со тенда.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски вчера најави дека проектот е комплетно готов, а Општината очекува наскоро да заврши јавниот повик за избор на изведувач. За оваа намена од општинскиот буџет ќе бидат издвоени околу пет милиони денари.
„Додека да стартува реализацијата на овој проект очекуваме да завршиме со реконструкција на коловозите на сите собирни улици во Карпош 2. Во моментов се работи на ‘Веселин Маслеша‘, ‘Бранислав Нушиќ‘ и ‘Руѓер Бошковиќ‘. Досега се поставени нови тротоари и рабници, а во тек е изведба на завршниот слој за обнова на коловозот“, информираше вчера Јакимовски. (Дс.Т.) |