20.06.2012, 17:24 Извештајот за МРТВ е нереален, оцени ревизорот
Колку телевизиите го почитуваат програмскиот формат за кој добиле дозвола
Горан Адамовски
Поради книжење на издадени решенија за наплата на радиодифузна такса, МРТ во финансиските извештаи прикажува зголемени приходи од радиодифузна такса во износ од 323 милиони денари. Приходите треба да се евидентираат кога се наплатени. Радиодифузна такса е јавна давачка, за нејзина наплата се применуваат одредбите од Законот за даночна постапка, наплатениот износ се дели на корисниците Македонска радиотелевизија, Македонска радиодифузија и Совет за радиодифузија.
Второ, во средствата се води износ кој не е во сопственост на МРТ. Градежното земјиште под објектите на булеварот „Гоце Делчев“ е со вкупна сметководствена вредност од 130 милиони денари. Градежното земјиште е во сопственост на државата, додека МРТ има само право на негово користење.
Трето, не бевме во можност со примена на стандардни ревизорски процедури да ја утврдиме реалната состојба на опремата. Поради сето тоа, финансиските извештаи за работењето на МРТВ во 2011 година не ја презентираат објективно финансиската состојба на ЈП МРТ.
Ова е заклучокот на независната ревизорска куќа, која го проверуваше извештајот што го изготви Советот за радиодифузија. Владата прифати дел од забелешките, а парламентарците го изгласаа извештајот, иако во двата дена собраниска расправа имаше жесток тон.
МРТВ лани потрошила 756 милиони денари (околу 12,5 милиони евра), од кои преку милион евра за документарни серии, 500.000 евра за спортски преноси, а интересно, остварената добивка е за 514 милиони денари поголема од расходите, што е всушност, фиктивен ќар, бидејќи се вкалкулирани и ненаплатените сметки за радиодифузна такса. И покрај „добивката“, Владата лани инјектирала пет милиони евра за санација на куќата, во која се вработени 877 лица.
Едукативните и образовните програми се најголемиот проблем на македонските телевизии, велат од Советот за радиодифузија. Телевизиите се се задолжени да имаат одреден процент ваква промена, но ретко ја произведуваат сами, па за да не бидат надвор од законот, емитираат и проекти на СРД, кои ги добиваат бесплатно. Впечаток е дека и најголемите телевизии мака мачат да го остварат програмскиот формат за кој имаат дозвола.
„Мониторинзите утврдија дека ниту една од овие, како што велите поголеми телевизии, го нема прекршено програмскиот формат“, ни изјавија вчера од СРД.
Оттаму објаснуваат дека тие вршат редовни еднодневни мониторинзи, како и ад-хок мониторинзи по претставки на граѓани или ако е утврдено некое отстапување за кое е неопходна подетална комуниколошка анализа. Толерантни се доколку има минимални отстапувања во поглед на должината на рекламите, на пример, но ако прекршувањето е уочливо, се оди на седумдневно анализирање на форматот. Медиумите се принудени да се држат до форматот за кој добиле дозвола. Ако е тоа образовен, не може подоцна да се преориентираат на забавен, на пример, бидејќи сопственикот сфатил дека тоа е поисплатливо.
„Доколку на сите радиодифузери им се остави простор самите да ги менуваат форматите како што сакаат, тогаш постои голема можност за колапс на медиумскиот плурализам како и на пазарот за огласување. Во сферата на медиумите, не може да се примени принципот на апсолутен либерализам, зашто медиумите покрај комерцијалното работење, исполнуваат и јавен интерес. Токму процесот на лиценцирање, кој ги вклучува и програмските формати е механизам на зачувување на овој јавен интерес“, објаснува Борче Маневски од СРД.
Од американската амбасада, по одземањето на концесијата на А2, веќе реагираа дека Советот треба да внимава дали и колку и останатите електронски медиуми ги имаат усогласено своите содржини со радиодифузната регулатива. Здружението на новинари, пак, констатираше дека ако СРД биде доследен, ќе нема ниту една телевизија. Се наѕира решение за ХТВ1
Договор ќе има во скоро време, Хрватската телевизија ќе им ја вратиме на гледачите, најавуваат од кабелскиот оператор „Близу“. Веќе половина година, корисниците на „Близу“, „Бум ТВ“ и „Макс ТВ“ не можат да ја гледаат омилената програма, бидејќи операторите не успеаја да се договорот со ЗАМП и со преостанатите иматели на права. Граѓаните негодуваа, реагираа организациите за заштита на нивните права, се вклучија и амбасадите и Советот за радиодифузија. Двете страни повторно седнаа на маса, но договор, барем засег��, се' уште нема.
„Фокусирани сме на тоа прашање, одржуваме редовни состаноци, ама работите бавно се одвиваат. Сепак, веруваме дека во скоро време ќе ги надминеме недоразбирањата и дека на задоволство на гледачите, ХТВ1 ќе биде вратена на програмата“, ни изјави вчера Искра Секуловска од „Близу“.
Граѓаните ја бараат телевизијата што во земјава е репер за квалитет. (Г.А.)
|