20.06.2012, 17:25 Македонија успешна во борбата против трговијата со луѓе
Стејт департментот ја вбројува земјава меѓу оние што ги почитуваат стандардите за борба против ова зло
Македонската Влада целосно ги почитува минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе. Земјава е извор, дестинација и транзитна маршрута за жртвите на трговијата со луѓе и присилна работа. Трговијата со жени и деца се одвива внатре во земјата. Странските жртви, кои се предмет на принудна проституција или работа, доаѓаат од Албанија, Бугарија, Србија, Украина и Косово. Но, и македонските државјани завршуваат како жртви на принудна работа и проституирање во европските земји. Ова се поентите од последниот Годишен глобален извештај на американскиот Стејт департмент за тоа како земјите во светот се справуваат со трговијата со луѓе, како едно од најголемите зла на денешницата.
Земјава и годинава се најде во групата Тир 1 на земји кои целосно го почитуваат Актот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе. Стејт департментот, сепак, забележува дека не се обезбедени доволно финансиски средства за жртвите кои се наоѓаат во прифатилишта, но и дека нема доволно пари за нивна реинтеграција. Од регионот, на Македонија во првата група друштво и' прават Хрватска и Словенија. Во втората група на земји кои делумно ги почитуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе се рангирани Албанија, Босна, Бугарија, Косово, Црна Гора, Турција и Србија.
„Минатата година, властите пријавија зголемен број на странски мигранти во земјата, кои не поседуваат никакви документи, и тоа е група чувствителна на трговија со луѓе. Процените на Министерството за труд и социјална политика за 2001 година покажаа дека има највисока експлоатација на труд во текстилниот сектор, најчесто во Југоисточна Македонија, и особено е присутна во градежништвото, туризмот, услужните дејности и земјоделството“, се вели во извештајот. Во него се додава дека прекршителите се' повеќе користат лажни бракови, особено кај Ромите, како тактика да ги намамат жртвите на принудна проституција.
„Владата продолжи со енергичниот прогон и казнување на прекршителите и со активно спроведување истраги за трговијата со луѓе. Ефективно соработува со невладините организации, кои им обезбедуваат помош на жртвите во прифатилиштата и покажа чувствителен пристап за жртвите и сведоците. Владата сепак не успеа да обезбеди соодветни финансиски средства за грижа на жртвите во прифатилиштата и не ги обезбеди неопходните средства за нивна реинтеграција. Идентификувани се само мал број на жртви во однос на другите земји во регионот“, наведува Стејт департментот.
Вашингтон препорачува Владата да ги зајакне напорите за идентификација на жртвите, за да се лоцираат потенцијалните домашни и странски жртви на трговијата во Македонија. Исто така е потребно да се осигура дека нема да бидат депортирани или казнети како резултат на тоа дека биле дел од трговијата, а странските деца и возрасни жртви на трговија со луѓе да останат во земјата доволно долго за да им се овозможи секаква помош. Според Стејт департментот, минатата година во земјава биле завршени четири истраги за трговија со луѓе, во кои имало 29 осомничени лица. Македонските судови им изрекле казни на деветмина трговци со луѓе, во висина од две до девет години затвор. (Д.Т.)
Владата задоволна од извештајот
„Најновиот извештај за нас претставува признание за сите напори кои ги вложувавме заедно со членовите на Државната комисија и другите релевантни институции во текот на годината. Што е уште поважно, најновиот извештај ни покажува дека многу правилна била одлуката оваа област да биде вклучена во приоритетите и истата да се третира со посебно внимание. Токму затоа и во извештајот се нотира дека Владата била бескомпромисна во прогонот и кривично процесуирање на престапниците, но и проактивно ја истражувала комплексноста на појавата на трговијата со луѓе“, изјави вчера министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, коментирајќи го најновиот извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе во светот.
Според неа, војната со овој вид на криминал не се добива со една битка, туку мора да се работи континуирано и со несмален интензитет. „Крајно сериозно пристапуваме во однос на информациите дека земјава и натаму е подложна на ризици, како извор, дестинација и транзитна земја на нелегалната трговија со луѓе. Нотираната појава дека инволвираните во овој вид на криминал се' почесто се служат со склучување лажни бракови со цел да ги присилат жртвите на проституција, мора да биде предмет на посебно внимание. Исто така не смееме и нема да ги игнорираме фактите дека во земјава се зголемува бројот на илегални мигранти, група која е исклучително ранлива на појавата на трговија со луѓе“, вели Јанкулоска. |