20.06.2012, 17:47 Златна зора ќе не' дисциплинира и нас
Атина - Неонацистите Златна зора не престануваат со заканите дека ќе ги „вразумат“ сите оние што ќе се разидат со нивната радикална линија за македонското прашање. Партијата, која будно следи се' што се случува во Македонија, овој пат реагира на огласот за волонтери во македонската службата за разузнавање.
„Скопјаните објавуваат огласи за шпиони за Грција“ се вели во соопштението на партијата, при што се посочува дека во огласот, меѓу другото, се споменува дека се бараат кандидати кои имаат дипломирано Филолошки факултет - отсек грчки јазик. „Трагично е што во една ослабена држава, каде што има отсуство на национално лидерство, шпиони на ’нашите добри соседи‘ работат без никој да им попречи. Трагично е што во Грција постојат такви кои сакаат да ја продадат нашата татковина. За наша среќа и нивно жалење, постои силна Златна зора внатре и надвор од Собранието кои ќе им покажат каде им е местото“, посочуваат од Златна зора.
Еден од пратениците на неонацистичката партија, Илијас Панајотарос, предизборно предупреди дека ќе има „ќотек“ во Собранието за спорот за името доколку владата бара да се дискутира за решение кое нема да им се допадне.
„Ќе им го покажеме како предупредување видеото од ТВ Антена (односно, видеото во кое портпаролот на Златна зора, Илијас Касидијарис, напаѓа две пратенички во емисија во живо по расправија за изборите), па ако не го разберат, тогаш ќе им го објасниме“, изјави Панајотарос за време на еден предизборен митинг. (М.П.) |