20.06.2012, 17:18 Новa лустрација пред новитe избори
Опозицијата се сомнева дека новата лустрација ќе послужи за селектирање на кандидатските листи за советници и градоначалници на наредните локални избори
Наум Котевски
Наспроти првичната замисла и практика во другите земји, новиот Закон за лустрација се очекуваше да биде усвоен вчера во Собранието без консензус, бидејќи опозицијата уште поодамна гласно кажа дека нема да го поддржи.
За неа законот, така како што е сега составен, е само алатка во рацете на власта за политичка пресметка со неистомислениците, и, како што велат, наместо да генерира помирување и консолидирано општество ќе создаде длабока економска, социјална и политичка поделба.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја разубеди опозицијата велејќи дека со измената во член 4 се елиминира секакво сомневање дека некој сака да го злоупотреби законот. „Комисијата за верицифирање на фактите утврдува несоработка со органите на државна безбедност доколку нема комплетни податоци, односно ако од добиениот материјал не може да се утврди соработка. Затоа не треба да има стравување дека некој може да биде обвинет без причина“, рече таа.
Ивон Величковски од Либералната партија смета дека тоа што го говори Бонева е илузија која мора да се разбие.
„Јас сум од партија која во 2006 година предложи донесување закон за лустрација. И сега сум за лустрацијата, но не на ваков начин. Погледнете ја само формулацијата - Комисијата за верификација на фактите утврдува несоработка со службите. Доколку постоеше соработничко досие како поим можеби ќе беше поинаку“, рече Величковски, кој е убеден дека власта ќе го искористи законот за селектирање на кандидатските листи за советници и градоначалници на наредните локални избори. Сомнежите потекнуваат од фактот дека Комисијата за лустрација треба да ги собере информациите од надлежните органи, а потоа да ја извести Државната изборна комисија кој не смее да биде на листата.
За разлика од досегашните законски решенија кои предвидуваа строги казни за објавување на идентитетот на кодошите, сега тие јавно ќе се објавуваат и тоа пред воопшто да се изјасни судот.
„Од каде толкав страв. Процесот ќе биде транспарентен. На веб-страница ќе бидат објавени документите врзани за сите соработници“, порача Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Но тоа што за владејачката партија значи транспарентност, за опозицијата е стигматизација на одредени лица.
„Вие нема да ги откриете соработниците, туку ќе извалкате многу имиња, иако подоцна тие лица можеби ќе докажат дека не биле соработници. Но, тоа е залудно, веќе ќе бидат жигосани. Мнозинството во Комисијата ќе одредува кој ќе биде објавен како кодош“, реплицираше Величковски.
Со новиот закон, исто така за разлика од претходните две верзии, на лустрација ќе подлежат и олигарсите кои стекнале капитал во времето на транзицијата, а Комисијата може да лустрира и кој било друг граѓанин доколку има материјали за тоа.
„На лустрација ќе подлежат лицата кои имаат над пет отсто од капиталот од фирмите. Потоа што ќе направите, ќе им ги одземете. Вие сакате да направите реприватизација“, го обвини Величковски мнозинството во парламентот.
Според Бонева, целта на законот не е некому да му се одземе имот, туку, како што вели, да се види дали лицата кои се стекнале со капитал во време на транзицијата биле врзани со тајните служби, или, пак, некои директори биле маша во рацете на службите.
Инаку, новиот Закон овозможува лустрацијата да го опфати периодот до 2006 година, односно до донесувањето на Законот за слободен пристап до информации, иако Уставниот суд веќе два пати се изјасни дека лустрацијата не може да важи по 1991 година, кога е направен преминот во демократски систем. |