16.05.2012, 17:10 Ќе извезуваме вино во Кина
Владата ќе им помогне и на винската индустрија и на производителите на грозје, но генерално на македонската економија
Владата договори извоз на македонско вино во Кина. Најголемиот кинески дистрибутер на вино ќе потпише договор со девет винарски визби од Македонија. Според вицепремиерот Владимир Пешевски, Фу Сјуе Ју, претседател на дистрибутивна винска компанија која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет и има повеќе од 600 дистрибутивни единици, на завчерашната презентација и дегустација во рамки на бизнис-форумот во Ченгду, изразил задоволство од квалитетот на нашите вина и покажал интерес за соработката.
„Беше направена презентација на македонски вина на голем број дистрибутери од Кина, но еден од најголемите од нив што има преку 600 продавници и дистрибутивни центри во Кина, беше мошне задоволен од квалитетот и беше договорено дека со сите девет винарници од Македонија ќе потпише договор за извоз на вино во Кина“, рече Пешевски.
Тој додаде дека Владата со тоа ќе им помогне и на винската индустрија и на производителите на грозје, но генерално на македонската економија, а ќе придонесе Кина повеќе да се запознае со она што се произведува кај нас.
Во рамки на форумот имало состаноци со повеќе компании од областа на енергетиката, електро и градежната индустрија, недвижностите, како и транспортните системи. Сите изразиле заинтересираност да дојдат во Македонија и да ги продолжат разговорите за реализирање потенцијални инвестиции.
Владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски присуствуваше на бизнис-форумот во Чингдао, петмилионски град во источна Кина, познат по брзиот економски развој од 10 отсто просечен раст годишно. Во Чингдао се развиени информатичката технологија, електрониката, автомобилската индустрија, петрохемијата, производството на храна и пијалоци. На форумот присуствуваа претставници на над 100 кинески компании од регионот на Чингдао. Според Груевски, постојат многу тековни инвестициски проекти за подобрување на инфраструктурата, за модернизација на енергетскиот сектор и за другата инфраструктура, каде што кинески компании може да имаат значителна улога.
Форумот во Ченгду го организираше Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка (ЦЦПИТ). (МИА) |