06.05.2012, 15:43 Опасности демнат на патот покрај Радика
Регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, од раскрсницата кај Церово до патот што води за селото Жировница е целосно руиниран
Киро Кипроски
Гостивар - Во овие пролетни денови пријатно е да се минува по кањонот на реката Радика и да се престојува во некое од селата кои како ѓердан се нанижани на планините Кораб, Бистра, Стогово. Природата е волшебна. Насекаде зеленило, бликаат планинските реки и потоци полни со чиста вода како солза, вистински рај за очите и мевлем за душата. Но, како да се стигне до тука?
Патувањето е мачно, нервозно. Регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, од раскрсницата кај Церово до патот што води за селото Жировница е целосно руиниран. На многу места има големи нерамнини, на некои делови е пропаднат, дупките се чести исто како и одроните. Патот не е обележан со бела линија на средината, ниту пак со жолти од страните. Нема сообраќајни знаци, нема ни патокази, а и онаму каде што ги има, не се функционални оти се или избледени, или ишарани со графити или, пак, скриени со гранки. Заштитните огради покрај патот се ’рѓосани, искршени и многу од нив одамна не ја вршат намената за која се поставени. Со еден збор, патот е во очајна состојба. Откако е изграден пред повеќе од половина век, тука воопшто не е интервенирано. Крајно време е да се изврши целосна реконструкција и проширување, да се изградат современи паркиралишта, да се регулираат водите кои на одредени места течат по патот, да се постават заштитни мрежи онаму каде постојано има одрони...
Викендов престојувавме во овој крај. На повеќе места покрај Радика беа паркирани возила со странски регистарски таблички. Туристите уживаа и се восхитуваа на дарот на природата. Со воодушевување зборуваа за природата, за убавите места за одмор и прошетки. „Се' е убаво, но мораме да ви кажеме дека патиштата ви се очајни. На нашите пријатели ќе им зборуваме за убавините што ги видовме во Македонија, ќе им прикажеме и филмови. Но, кога ќе не' прашаат за патиштата и ќе видат дека се во лоша состојба, нема да дојдат“, ни вели брачен пар од Франција, кој десет дена е на одмор во нашата земја.
Поголема група туристи од Холандија сретнавме во дворот на Бигорскиот манастир. Фотографираа, снимаа, беа воодушевени од се' што видоа, посебно од иконостасот во манастирската црква. Од Охрид во Бигорскиот манастир дошле со комфорни туристички комбиња. Но, упатија критики за лошиот пат. Велат, неколкуте десетина километри им се сториле како вечност, а возењето по дупките по патот им било многу мачно.
„Западниот дел на Македонија е мошне привлечен и убав. Имате многу вредни културно-историски споменици, кои фасцинираат. Природните убавини пленуваат, реките и потоците, планинскиот воздух и мирот, се' е прекрасно. Имате одлични услови за развој на селскиот туризам. Но, патиштата се очајни, а без да се создадат подобри услови со современи сообраќајници на кои ќе има паркинзи, тоалети, клупи за одмор, мотели, хигиената да се подобри, да нема отпад, не можете да го развивате селскиот туризам, ниту да привлечете странски гости“, категоричен беше Тунџај Олгун, градоначалник на општина во градот Ајдин, Турција, со кого случајно се сретнавме во селото Јанче.
|