19.04.2013, 15:28 „Хеда Габлер“ и „Дива“се подготвуваат во Битолскиот народен театар
Анета Блажевска
Битола - Битолскиот народен театар за време на локалните избори доби уште четири нови актерски имиња, вработени се младите актери: Александар Стефановски - синот на доајенот на Битолскиот театар, Илко Стефановски, Марјан Ѓеоргиевски, популарен по неговите стендап-комедии, Борче Ѓаковски - синот на познатиот актер Сребре Ѓаковски, како и Катерина Аневска. Во последните три години во Битолскиот народен театар се вработени вкупно 12 актери и исто толку помошен персонал, податок кој раководството гордо го потврдува. „Владата објави конкурс за примање на четворица актери, се направија аудиции, потоа имаше локални избори. Не сакавме да го нарушиме молкот околу сето тоа, но еве еден месец тие се вработени во театарот. Со ова театарот брои 74 члена од кои 24 се актери. Можам да констатирам дека ваква процентуална вработеност немало ниту во првите години од формирањето на театарот“, потврди Валентин Светозарев, директор на Битолскиот народен театар.
„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Ѕвезда Ангеловска, и „Дива“ од хрватскиот драматург Марјана Нола, во режија на Софија Ристевска, се двете претстави кои моментно се подготвуваат на сцените на овој театар.
„Во денешно време да се игра класика е мошне сложено од многу аспекти. Идејата за оваа претстава е токму актерска. Оваа хероина е и антихероина и, како што прави самиот автор, поставува прашања, а не дава одговори“, рече режисерката Ангеловска. Премиерата на „Хеда Габлер“ се очекува кон средината на мај, а во неа главната улога и' е доверена на Габриела Петрушевска.
Битолскиот театар со претставата на Бранко Брезовац „Травничка хроника“ летово ќе патува за Хрватска каде што ќе биде прикажана во рамките на манифестациите за влегувањето на Хрватска во ЕУ. „Од 2 до 10 април оваа претставата ја погледнаа десетици селектори од регионот, а ние и го потврдуваме нашето гостување на ’Еуроказ‘ во Загреб на 1 јули“, рече Светозарев, додавајќи дека извесно е гостувањето на оваа претстава и на Истанбулскиот театарски фестивал во мај идната година. |