16.08.2010, 16:50 Наградата на АКТО за македонските уметници О.П.А.
Прексиноќа со доделување на наградата и со спектакуларниот настап на словенечката група уметници YES се затвори 5. АКТО Фестивал за современи уметности. Наградата за интердисциплинарност „Драгиша Наневски“ им припадна на македонските уметници О.П.А. за нивното дело „Ташаци“. Оваа година фестивалот АКТО по втор пат ја додели оваа награда, за која одлучуваше тричлено жири, во кое беа: Мелентие Пандиловски, Марко Стаменковиќ и Илија Упалевски.
„Ташаци“ е интерактивна видеоинсталација. Дејствувањето во јавен простор или галерија групата О.П.А. го изведува преку осмислено креирање на апсурдни ситуации, во кои публиката е главен чинител. О.П.А. е формирана во 2001 година од страна на ликовните уметници Слободанка Стевчевска и Денис Сарагиновски. Тие работат на границите на ликовната уметност, на уметноста на новите медиуми и на перформансот, а досега имаат одржано повеќе самостојни и групни изложби во нашата земја и во светот.
Словенечката група YES со својот мултимедијален проект „Замотај се околу мене и заборави дека бев нешто“ приреди шок и изненадување за публиката. Составен од повеќе одделни перформанси, од кои беше дел и публиката, овој двочасовен проект се одржуваше низ специјално пренаменетите ходници во зградата на Офицерскиот дом и во дел од собите, збогатен со специјални ефекти. Додека, самото официјално затворање на годинешниот фестивал го означи танцовиот проект „Модробрада“, кој се одржа во дворот на Офицерскиот дом. (С.У.) |