19.04.2013, 17:30 Се снаоѓам во секоја културна средина
„Ова искуство не смее да го пропушти ниту еден уметник“, вели Александар Коловски, кој како солист на хармоника неодамна настапи со Македонската филхармонија
Тина Иванова
Познат е по неговиот темперамент, по неговата импресивна техника на свирење, по индивидуалниот израз, а го нарекуваат и виртуоз на хармоника. Младиот, извонредно талентиран музичар Александар Коловски е новото македонско музичко име кое малку ја „размрда“ културната сцена во земјава особено со неговата впечатлива изведба на неодамна одржаниот концерт на Македонската филхармонија, каде што премиерно го изведе Концертот за хармоника и гудачи „Опал“ од Ришар Галијано. Коловски е победник на Светскиот куп за хармоника C.M.A. „Trophee Mondiale“ во Спокејн, Вашингтон. Од 2003 година, всушност, тој е победник на повеќе од 15 меѓународни натпревари. Моментно е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Златко Мадевски, но во исто време посетува мајсторски курсеви во Франција каде што учи со еден од најистакнатите педагози по хармоника, Фредерик Дешамп, со кого освен класичната музика, изучува и вариете - танго, француска музика, џез. Редовно настапува во Колмар, Монако, Нормандија, Стразбур, но и како гостин на музичките фестивали во Италија, Финска, Бугарија, Кина, Чешка, Германија, Литванија, САД...
Александар, по значајните меѓународни награди што годините наназад ги освојувате низ светот, по концертите што ги одржувате низ Европа, неодамна настапивте и во својата земја како солист со Македонската филхармонија. Какви се реакциите по настапот, особено што изведовте премиерно дело за нашата публика и што првпат настапивте со овој оркестар?
Морам да признаам дека според реакцијата на публиката, која ме врати три пати на бис, концертот помина одлично. Тоа значи дека публиката, исто така, со задоволство и уживање го прими новото дело, односно првата изведба на концертот „Опал“ од Ришард Галијано. Лично сум задоволен од изведбата на ова дело со Македонската филхармонија, бидејќи ова е и мој прв концерт како солист со овој оркестар. Задоволен сум од енергијата и трудот што го вложија моите постари колеги за концертот да звучи на високо ниво во соработка со диригентот Андрејас Вајзер од Германија. Ова е искуство кое ниту еден уметник не смее да го пропушти, бидејќи е доста битно за нашиот понатамошен развој и созревање како професионални музичари. Исто така е добро бидејќи можеме да согледаме колку сме подготвени да соработуваме со поголема група луѓе и дали и како можеме да го поднесеме сето тоа.
Хармониката во нашата културна средина најмногу е „искористена“ во народното музичко творештво. Нема многу наши музичари кои свират на хармоника, а кои се занимаваат третирајќи ја класичната музика или џезот или тангото...
Морам да кажам најпрвин дека хармониката одлично се вклопува во сите стилови на музика, а и да нагласам дека ја почитувам и сакам народната музика. Јас поминувам доста време со луѓе кои хармониката ја третираат како класичен инструмент и навикнат сум да ја гледам како инструмент на кој можат да се изведат дела од сите епохи на минатите векови. Но, не ми пречи секој да ја гледа и да ја прифаќа хармониката како што сака. Сметам дека одлично се снаоѓам во секоја средина, па и во нашата културна средина во која нема голем број музичари кои изведуваат класична музика на хармоника. Па така, логично е и луѓето овде да не се запознаени со можностите на овој инструмент, односно да го ограничат своето мислење дека хармониката е инструмент само за народна музика.
За пошироката јавност аргентинскиот музичар Астор Пјацола е можеби најпознат како хармоникаш и како композитор. Но, виртуоз е, на пример, денес Финецот Кимо Похјонен, кој ќе го видиме на „Оф-фест“, кој ги соборува границите на инструментот. Вие се насочивте и кон вариете музиката. Од каде ја црпите инспирацијата, влијанието?
Во почетокот, најголемо влијание врз мојот развој вршеше слушањето на уметници од руската школа, кои се познати по своите фантастични интерпретации на различни клавирски, виолински и оркестарски транск��ипции. Но, патувајќи и посетувајќи доста земји, посебно ми се допаѓаше вариете музиката и оние хармоники со специфичен и прекрасен звук за слушање, што во тој период ми изгледаше толку далечно и недостижно. Па, постојано се прашував дали некогаш и јас ќе имам таков инструмент и ќе ми се исполни желбата да ја интерпретирам таа музика. И ете, конечно, и јас сум дел од оние што ја интерпретираат таа музика. Имајќи можност да се запознаам со професорот Фредерик Дешамп од Франција и да продолжам да соработувам со него, почнав да го пронаоѓам вистинскиот пат и да станувам свој, самостоен и да давам свој белег на моите интерпретации. А најголемо влијание во развојот како инструменталист придонесоа моите колеги од натпреварите и концертите, учејќи од секого по нешто и тоа не само во однос на свирењето, туку и во човечките односи и комуникацијата со луѓето. Сега се придржувам на повеќе стилови на музика, а не само на класичната. И во иднина, во соработка и со други уметници и професори од различни земји, автоматски ќе доаѓаат и нови идеи и нова музика.
Какви дела, всушност, Ве привлекуваат, дали тенденцијата е кон техничките капацитети на инструментот, или нивниот сензибилитет и естетика?
За концертна програма избирам дела кои ги содржат сите овие елементи, а нормално го правам тоа вклучувајќи ги и можностите на мојот инструмент. Повеќе обрнувам внимание на периодот на потеклото на композициите во однос на концертната програма, а за мене сосема вообичаено е целата програма да ги вклучува сите овие елементи, бидејќи сакам пред публиката да ги покажам своите технички способности, но и музикалноста и самостојноста.
Дали ја гледате иднината како солист или имате желба да свирите во некој состав, можеби на современа музика?
Сега себеси се гледам како солист. Но, и изведби во камерен состав се добредојдени, бидејќи таквите изведби зрачат со посебна тежина и дозволуваат нови искуства и контакти со музичари. А дали е тоа современа музика или не, мислам дека воопшто не е битно. |