24.07.2012, 19:35 Скопје под посебен безбедносен режим
Безбедносни мерки од прв степен по посетата на Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун
Хеликоптер од небо, моторцикли и возила-чистачи напред, инспектори за тероризам со подготвен терен и новиот блиндиран „мерцедес“ на МВР, вреден 600.000 евра ќе го пречекаат денеска во Скопје, Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун. Полицијата презема подготовки од прв степен на безбедност за високиот гостин. Исчистени се делниците по кои ќе се вози функционерот на ОН. Се очекува денеска Скопје да биде најбезбеден град во Европа.
По вчерашното слетување во Охрид, Бан Ки-мун денеска на кратко ќе допатува во главниот град.
Според агендата е предвиден авионски лет од Охрид до Скопје, по што генералниот секретар ќе го сефтоса ултрамодерниот блиндиран автомобил што МВР го набави неодамна. Делегацијата ќе се движи кон Собранието, каде што Ки- мун ќе одржи говор, потоа оди во Владата, организиран е свечен ручек и пак кон аеродромот „Александар Велики“, од каде ќе полета за Сараево со што ја завршува балканската турнеја. Бан Ки-мун ќе има ручек со д-р Срѓан Керим, претседател на 62. Генерално собрание на ОН.
Генералниот секретар на ОН, од Македонија ќе се упати кон Лондон каде што ќе присуствува на свеченото отворање на Летните олимписки игри.
„Улиците се светнати, делниците по кои ќе минува гостинот се исчистени. За неговата безбедност ќе бидат преземени мерки од прв степен“, велат полициски извори.
Хеликоптер ќе ја надгледува трасата по која ќе се движи делегацијата, а ќе биде извршено и снимање. Моторцикли, возила-чистачи и снајперисти ќе ја на
дополнат комплетната будност на надлежните.
„Во градот, веројатно, ќе се создаде метеж, но битно е да се каже оти Бан Ки -мун во Скопје ќе се задржи само неколку часа, а од друга страна, ќе дадеме се' од себе, блокирањето на сообраќајот да се случува само во моментите кога делегацијата ќе поминува на тоа место, а не додека трае целата рута“, велат од МВР.
Речиси идентични мерки, дополнително засилени со Единицата на езерска полиција, беа преземени и во Охрид каде функционерот на ОН ја започна посетата во Македонија. (Г.А.) |