14.01.2013, 16:25 Бројки
145.350 блокирани сметки
Бројот на блокирани сметки во декември лани изнесувал 145.350. Од нив на компании биле 61.515, а на физички лица 83.835 сметки. Споредено декември 2012 со истиот месец од 2011, бројот на блокирани сметки се зголемил за 25 илјади. Тоа покажува дека и фирмите и граѓаните се' потешко и со големо доцнење ги плаќаат обврските.
9,6 милиони евра
Вкупно 9,6 милиони евра вреди опремата која Агенцијата за електронски комуникации ја набавила од американската компанија „ТЦИ интернешнал“. Како што пишува во објаснувањето на Бирото за јавни набавки, станува збор за софистицирана мерна електронска опрема, односно интегриран систем за мониторинг на радиофреквенциите.
110,91 долари
за барел
Цената на американската „лесна“ нафта за терминална испорака за февруари на Њујоршката стоковна берза се зголеми за 33 центи на 93,89 долари за барел. Европскиот „брент“ на Меѓународната берза на нафта во Лондон поскапе за 27 центи на 110,91 долари за барел.
939.222 возила
Водечкиот чешки производител на автомобили „Шкода“ лани продаде рекордни 939.222 возила, што на годишно ниво е раст од 6,8 отсто. Продажбата е зголемена на сите пазари освен во Западна Европа, истакна портпаролот на компанијата Јозеф Балаж и додаде дека рекорден број на продадени автомобили е забележан во декември кога биле продадени 66.200.
5.400 работници
Американската компанија за картички „Америкен експрес“ во деловната мрежа во светот до крајот на 2013 година ќе отпушти 5.400 работници, од вкупно 63.500 вработени. Провајдерот за кредитни картички наведува дека во четвртиот квартал во 2012 година по оданочувањето имал над 600 милиони долари трошоци, што ќе влијае на падот на нето-приходот на компанијата од 1,2 милијарди на 637 милиони долари.
16 отсто
Трговскиот дефицит на Соединетите Американски Држави во ноември 2012 година е зголемен за 16 отсто во однос на октомври. До зголемување на дефицитот дошло пред се' поради растот на увозот што директно влијаело на поттик на потрошувачката на домаќинствата во САД. Трговскиот дефицит во САД е зголемен во ноември за 42,06 милијарди долари во однос на октомври, што е рекорд од април 2012 година.
3.585 продадени возила
Производителот на луксузни автомобили „Ролс-ројс“ во 2012 година забележа рекорден пласман од 3.585 продадени возила во 40 земји во светот. Најголем раст на продажбата од 26 отсто е остварен на Средниот Исток, но и на Пацификот, каде што се продадени за 18 отсто повеќе автомобили од претходната година. |