25.12.2012, 17:23 Економетар
Годинава тешко, в година уште потешко
Мирче Јовановски
Сите досегашни напори за претставување на Македонија како рај за инвестирање, сега лесно можат да паднат во вода. Странските инвеститори ги интересира висината на даноците, но им е важна и политичката стабилност на земјата
Изминува тешка година во која економијата се движеше падни-стани, но веќе сега може да се насети дека идната година ќе биде можеби уште потешка.
Економската криза остави лузни кај домашните фирми, особено кај извозниците на кои најмногу влијаеше помалата побарувачка од европските земји кои не можат да закрепнат од должничката криза. По негативните стапки на раст на домашниот бруто-производ во првите шест месеци од годинава, трошка надеж влеаја податоците за третиот квартал, според кои стопанството живна минимални 0,2 отсто. Крајот на годината вообичаено е проследен со зголемена потрошувачка, па во комбинација со пониската појдовна основа од последниот квартал минатата година можно е и овој период економијата да биде во позитива што би било добар вовед во она што се предвидува за идната година, а тоа е раст од 2 отсто на БДП. Овие очекувања претежно се базирани на големи инфраструктурни проекти како и на странските директни инвестиции.
Тоа е едната, посветлата страна на приказната за која сите посакуваме да се оствари. Но, случувањата последниве денови како да навестуваат дека по турбулентната 2012 година, не' очекува неизвесна 2013 година, не само на политички, туку и на економски план.
Со 65 гласа „за“ и четири „против“, со избркана опозиција и без присуство на новинари, владејачкото мнозинство во Собранието за експресни 30 минути го изгласа буџетот за 2013 година. Тоа е впрочем добро познато. Со носењето на буџетот Владата на прв поглед симна од плеќи еден голем товар, со оглед што сега нема да има пречки да ги спроведува политиките на кои инсистираше. Тука не се само зголемувањето на пензиите и надоместоците за социјалците, темпирани во пресрет на локалните избори во март идната година, туку и финансирањето важни инфраструктурни проекти (автопатот Скопје – Гевгелија, односно делницата Демир Капија – Смоквица, инвестиции во железницата, енергетиката...) кои се очекува да ја раздвижат економијата. Исто како и странските инвестиции на кои се полага голема надеж. Впрочем, Владата и нејзините министри вложуваат голема енергија и време да анимираат што поголем број странски компании и бизнисмени и да ја прикажат Македонија како исплатлива дестинација за странскиот капитал. Во таа насока се намалија даноците, се оградија повеќе слободни економски зони, се воведоа еден куп бенефиции...
Но, сите овие напори кои до сега беа вложувани, сите измени на законските прописи, сите роуд шоуа и позиции на ранг-листите за водење бизнис, сега лесно можат да паднат во вода поради случувањата во и околу парламентот. Странските инвеститори секако ги интересира висината на данокот кој ќе треба да го платат, но исто толку, ако не и повеќе, им е важна политичката сигурност во земјата. Прашање е, кога ќе треба да се одлучат меѓу Македонија и некоја друга земја од регионот, дали ќе мислат на висината на давачките или пред очи ќе им излезат сцените од Собранието кога се носеше клучниот економски документ во една држава, а тоа е буџетот. Плус, тука се и најавите на опозицијата за граѓанска непослушност и за бојкот на изборите, кои и онака се проследени со тензична атмосфера.
А, политичка нестабилност никаде, па и кај нас не е благопријатен амбиент за привлекување странски инвеститори.
Повеќето домашни економисти и стопанственици се согласуваа дека е добро буџетот да се донесе до крајот на годинава. Тоа го образложуваа со тешките времиња во кои опстојува економијата и повеќето од фирмите. Но, никој не сметаше дека настаните ќе добијат таков тек каков што добија.
Не дека ќе пропадневме ако се преминеше кон привремено финансирање, бидејќи и во таков случај функциите на државата и нејзините законски обврски ќе се одвиваа непречено, но се сметаше дека така ќе се креираше анемичен амбиент. Затоа повикуваа на постигнување компромис меѓу власта и опозицијата. Буџетот од една страна е реализација на владините политики, па илузорно е да се очекува дека ќе се скрои според желбите на опозицијата, но од друга страна овој документ се однесува на сите граѓани, без оглед нивната припадност.
Ако се има предвид дека и без последните случувања ситуацијата во домашната економија е тешка, а неизвесноста е голема во цела Европа каде што пласираме најголем дел од нашите производи, сликата станува поцелосна.
Песимизмот кај стопанствениците беше голем и пред расправата за буџетот. Тие укажуваа дека бавното закрепнување на домашната потрошувачка и забавувањето на растот кај нашите главни економски партнери, кој во голема мера ќе ги утврди економските случувања в година. Затоа и прогнозираа дека 2013 година ќе биде една од најтешките од почетокот на кризата во 2008 година. И без она што ни се случуваше на домашен терен деновиве, економските движења во земјите од регионот, пред се' во Грција и во Словенија, но и во поголемите европски економии како што се италијанската, шпанската, беа доволна причина да се запали економскиот аларм. Или, како што велат некои од нив, „интензитетот на негативните ефекти од глобалната криза е многу посилен од нашите реални можности за спротивставување, па нереално е да се очекува дека кризата ќе помине брзо и безболно за македонското стопанство“.
Ако оваа и слични констатации беа во оптек пред или во почетокот на расправата за буџетот и пред најавите за политичка дестабилизација, какви ли се сегашните согледувања за економските перспективи на земјава? Секако не се помалку песимистички.
Македонија како мала држава и исто таква економија нема способност да влијае на каков било начин на глобалните економски текови. Затоа економистите повикуваат на соодветна комбинација на мерки на монетарната и на фискалната политика и на зголемување на конкурентноста. Но, очигледно, наместо вакви теми, ние во наредните месеци ќе се занимаваме со некои други прашања. |