21.06.2010, 18:14 „Бучим“ го реши проблемот со загадените води
Се санира една од најкритичните еколошки точки во државава
Иван Бојаџиски
РадовиШ - Рудникот за бакар „Бучим“ го реши проблемот со загадените води. Систем за пречистување на отпадните води што течат под историското јаловиште вчера е пуштен во радовишкиот рудник. Водите што го измиваат историскиот отпад ќе се транспортираат во флотацијата, а по употребата, прочистени одат во хидројаловиштето. Со ова се санира една од најкритичните еколошки точки во државава. Во реализацијата на овој зафат што траеше две години се вложени 1,5 милиони евра, милион евра се донација на Кралството Холандија, а другите се влог на рудникот.
„Комбинатот решава две значајни еколошки прашања. Инвестиравме значајни суми и во рекултивирањето на хидројаловиштето. Засадивме над 60.000 стебла и го решивме проблемот со прашината од хидројаловиштето што го загадуваше подрачјето. Но, не застануваме тука. Пред десетина дена бордот директори на компанијата ‘Солвеј‘, на состанокот во Москва донесе одлука во ‘Бучим‘ да бидат инвестирани уште девет милиони евра за проектот ‘метода на лужење‘. Тоа подразбира искористување на остатоците од историското јаловиште во чии 140 милиони тони, според нашите анализи, има над 100.000 тони чист катоден бакар. Практично, со една крупна инвестиција остварувме две добивки, една економска, друга еколошка“, потенцира генералниот директор на „Бучим“, Васил Борутски.
Со оваа успешно завршена инвестиција во „Бучим“ Македонија реши едно од своите најголеми еколошки жаришта, нагласи министерот за животна средина, Неџати Јакупи. „Ваквите проблеми најдобро се решаваат со јавно-приватно партнерство. Ова треба да биде инспирација за други загадувачи. Менаџерите на ‘Бучим‘ покажаа дека кога се има волја, можат да се решат прашања од значење за екологијата, бидејќи тука се реализирани проекти за заштита на воздухот, водата и почвата“, рече Јакупи.
Холандската амбасадорка, Симоне Филипини, направи интересна паралела со која се докажувало дека еколошките проблеми, но и начинот на нивното решавање не познава граници. „Во овој случај имаме проект на руска компанија, холандска донација и македонска локална власт, кои со заеднички проект решаваат крупно еколошко прашање. Станува збор за решение на проблем со загадени води што одат во локалната река Лакавица, па преку Брегалница и Вардар се влеваат во Егејското Море“, потенцира амбасадорката Филипини. Таа најави нови донации на полето на заштитата на животната средина во нашава држава.
За Ан Мари Али од УНДП, успехот е резултат и на добро менаџирање на „Бучим“, но и на соработка во доменот на јавно-приватното партнерство и на централната и на локалната власт. „Овој пример е одличен за многу други приватни компании како да се заштити животната средина“, нагласи Ан Мари Али. |