29.05.2012, 18:33 Нов бран и во ДУИ
Во партијата се разгледуваат извештаите на функционерите и се вршат избори во разграноците
Гојко Ефтоски
Нов бран од кадровски промени ќе ја зафати и Демократската партија на Албанците, коалицискиот партнер во Владата на Никола Груевски. Од ДУИ најавуваат бран на можни кадровски промени на сите нивоа, но не по „примерот на коалицискиот партнер, туку по сопствен наод“. Извори од партијата тврдат дека новиот бран не е ниту наложен од некого, ниту некој го побарал.
„Единствено, членството бара да се разгледаат успесите и резултатите од остварувањето на функциите и должностите во државата, што се смета за обврска“, додаваат изворите од партијата.
Бујар Османи, портпарол на ДУИ, смета дека се ќе зависи од определбата на највисокиот орган - Генералниот совет. „Разгледувањето на извештаите на кадрите на ДУИ на сите нивоа се прави со цел да се согледа како се раководат органите и институциите во кои има кадри на нашата партија и како се остварува програмата на ДУИ, која е интегрирана во програмата за работа на Владата. Писмените извештаи првин ги разгледува посебна комисија на партијата, која ја дава првичната оцена за успешноста и резултатите од ангажирањето“, објаснува Османи.
Во ДУИ нагласуваат дека паралелно се одвиваат двојни активности: освен извештаите на функционерите, се вршат и нови избори во партиските разграноци. И во двете насоки, целта била да се овозможи да се вклучат нови луѓе со нови идеи и видици, кои ќе дадат придонес во унапредувањето на процесите и предизвиците пред кои се наоѓа партијата, велат во ДУИ.
Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ, е категоричен дека „новиот бран не е само некаква козметика, туку суштинска и мошне битна работа. Ќе сториме се' да бидеме објективни, зашто тоа го бара нашето членство“, нотира Џафери.
Највисокиот орган на ДУИ две седници посветува на извештаите на носителите на функции. Не се дознаваат детали за оцените. Не се споменуваат ниту имиња. Било изразено високо задоволство од остварената функција, што може да значи дека нема да има промени во составите каде што учествува ДУИ. Се дознава дека во разгледувањето била присутна нагласка за поширока употреба на албанскиот јазик. Од коалицискиот партнер во власта било побарано да се пријде кон поширока примена и е заклучено во Фондот за здравствено осигурување да се применува на сите нивоа и во сите региони.
На прашање за евентуална реконструкција на Владата, Бујар Османи е воздржан. „Се' уште највисоките функционери на коалициските партнери немаат разговарано за евентуални промени во Владата, за некаква реконструкција. Ова прашање не е отворено ниту во партиските органи на ДУИ“, вели Бујар Османи. |