11.12.2008, 18:31 Отворена обновената национална поставка
Академик Томе Серафимовски демантираше дека подарил, туку дека само зајмил скулптура
Катерина Богоева
„Не се точни изјавите во медиумите на директорката на Националната галерија Маја Крстевска дека моето дело изложено во поставката е подарено. Точно е дека таа лично ми се обрати со молба да бидам застапен на изложбата, дојде во ателје и бидејќи е историчар на уметноста, и' реков да одбере дело во непарен број, но дека тоа нема да значи дека ќе го подарам, туку дека ќе го отстапам. Таа рече дека галеријата нема пари, но дека ќе се потруди да го откупи идната година. Не ми беше битно да продадам, туку да ја исполнам нејзината желба, да бидам застапен во поставката иако, да бидам искрен, тоа не ми чини голема чест, бидејќи 60 години моја скулптура не се наоѓа во оваа галерија. Овде сум имал самостојни изложби пред 30 години, но поради разни партиски превирања, нетрпеливост меѓу директорите, немало моја скулптура. Не мора ни да ја има, затоа што јас имам скулптури во други галерии низ целиот свет. Нема да имам ништо против ни да ја откупат ни ако не ја откупат. Ако не ја откупат по Нова година, ќе си ја вратам назад во ателје“, изјави вчера на централната манифестација на одбележувањето на шестдеценискиот јубилеј на Националната галерија на Македонија академик Томе Серафимовски, на кого, како и на поголем број автори, политичари, претставници на институции што ја поддржале на различен начин галеријата, директорката Маја Крстевска претходно му врачи плакета за благодарност. Нејзиното обраќање на отворањето на свеченоста го содржеше во оваа прилика изменетиот термин, така скулптурата наместо како подарена, беше спомената како привремено подарено дело.
Инаку, централната манифестација, отворањето на обновената национална поставка во Даут-пашиниот амам, помина како што и беше најавено, со презентација на документарниот филм „Светот на уметноста“ во режија на Александар Спасоски и со настап на оперскиот пејач Борис Трајанов, квартетот „Еквилибриум“ и музичката група „Баклава“. Присуствуваа претставници на државните институции, црковни великодостоинственици, уметници од различни генерации, но по своите благодарници не дојдоа дел од најстарите ликовни автори Илија Аџиевски, Васко Ташковски и Родољуб Анастасов. Дел од нивното творештво е застапено во поставката што прв пат беше отворена во 2 000 година.
Меѓу авторите кои присуствуваа на свеченоста и оставија голем удел во историјата на Националната галерија на Македонија, беше и скулпторот и поранешен директор на институцијата академик Боро Митриќевски, кому му беше доделена плакета во чест на благодарност. „Мислам дека време беше на ваков начин да се одбележи јубилејот, затоа што ова е вистинската прва галерија и целата уметност беше овде собрана. Оттука и тргна целата наша ликовна култура, која се растури речиси низ целиот свет“. Тој на галеријата претходно и' подарил портрет на Петар Мазев, а во оваа прилика и скулптура, портрет во дрво на Лазар Личеноски. „Лазар Личеноски ми позираше во шеесеттите години на минатиот век и си направивме размена, тој мене ми даде слика за благодарност“. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го честиташе јубилејот, потсетувајќи, меѓу другото, и на отворањето на изложбата на скулпторот Хенри Мур во 1953 година во галеријата и на неговата изјава дека „еден ден македонските уметници ќе го освојат светот“.
Многубројната публика на отворањето ��олем дел од времето помина и во галерискиот двор, каде што почнува Старата скопска чаршија. Доколку вечерта се отвореше изложба и во Чифте-амам, таа ќе можеше да прошета и по калдрмите што ги врзуваат двата објекта и да придонесе за ревитализација на чаршијата. Но, ќе има време и за други јубилеи. |