12.03.2012, 18:37 Осмели се... да се качиш во кола
Граѓаните стравуваат дека бензинот ќе се искачи и до 100 денари за литар. Нов шок за граѓаните, но, пред се', за бизнисот. Веќе сите стравуваат дека цената на бензинот може да се искачи и до 100 денари за литар
Соња Маџовска
Нов шок за граѓаните, но пред се' за бизнисот. Веќе сите стравуваат дека цената на бензинот може да се искачи и до 100 денари за литар.
Возењето автомобил станува луксуз, но што да кажат бизнисмените за кои секое зголемување на цената на горивата значи и ново оптоварување за нивните производи. Веќе се' поизвесно е дека не' чека нов ценовен удар на храната, на превозот и на сите други стоки и услуги.
„До каде ќе оди ова со цените на горивата. Постојаниот раст веќе нема граници. Нема да се зачудам ако бензинот се искачи и на 100 денари за литар. Може ли оваа Влада конечно да преземе мерки со што ќе стави кочница на растот на цената на горивата. Ако не може, нека кажат да си ги паркираме возилата пред зграда и да се возиме со автобус или да одиме пеш. Но, како да ги однесам децата во училиште и во градинка. И нив ли пеш да ги носам“. Вака реагираа вчера поголем број граѓани откако ги слушнаа новите цени на Регулаторната комисија за енергетика, според кои бензинот поскапува за два денара за литар, а дизелот за половина денар.
Новата малопродажна цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 86, а на Еуросупер БС-98- 87,5 денари за литар. Еуродизел (Д-Е В), ќе се продава за 75 денари за литар, а новата цена на Екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 63,5 денари за литар. За 1,455 денари се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС, кој сега ќе чини 49,389 денари за килограм. Како причина за зголемувањето на цената на нафтените деривати од РКЕ ја посочуваат за 3,28 отсто повисоката цена на суровата нафта и за 0,659 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот во изминатите 14 дена.
Дури и на инвеститорите кои постојано ги следат случувањата на берзите, ништо не им е јасно, посебно ако се спореди сегашнава, со состојбата од 2007 година.
„Тогаш цената на нафтата на светските берзи беше повисока, а кај нас горивата беа поевтини од денес. Очигледно има нешто дополнително што влијае врз ценат�� што ниту ние инвеститорите не го разбираме, а уште помалку граѓаните. Но, најтешко ќе биде за бизнисот, особено извозниците. Високите цени дополнително ќе ја оптоварат и цената на нивните производи, со што тие се' повеќе стануваат неконкурентни. А, што се однесува до секојдневната употреба на автомобилот, очигледно секое семејство ќе мора да направи реорганизација. Со една кола да се возат сите или се' повеќе да се користи јавниот превоз“, коментира еден инвестициски советник од Скопје.
Превозниците нема да ги зголемат цените на транспортот бидејќи, како што велат, повеќе има транспортери отколку стока што треба да се превезува. Затоа тие ќе бараат од Владата да воспостави ред во овој бизнис со донесување нови правила и на тој начин ќе се обидат да го амортизираат ценовниот удар.
„Врз цената на горивата не може многу да влијаеме. А, во услови на криза кога има повеќе превозници отколку стока која треба да се пренесува, нема многу простор за зголемување на цените на транспортот. Нашите цени не се променети од 2008 година. Ќе и' предложиме на Владата повеќе мерки со кои долгорочно ќе се обидеме да решиме дел од проблемите. Како што е предлог- закон за договори во превозот, формирање регулаторно тело во Министерството за транспорт и врски, кое ќе ги одредува еднаш годишно цените за превоз на стоки, кои нема да се фиксни, бидејќи секоја компанија има различни трошоци. Исто така ќе побараме да има рокови за превозот на стоки, но и правила на игра за учество на тендерите, при што ќе се земат предвид повеќе параметри, а не само цената“, објаснува Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
Поради поскапувањето од пред две недели, од бензинските пумпи веќе се пожалија дека потрошувачката на горивата во изминативе денови се намалила за 30 отсто.
И бизнисот порача дека е дојден вистинскиот момент кога Владата треба да преземе неколку прагматични потези. Тие предлагаат субвенции во делот на транспортот, активирање на скриениот и слабо искористен резервоар на државни резерви, фискално, барем кусорочно олеснување во делот на дериватите, нешто слично што направи минатата година. Засега Владата не покажува волја да интервенира во акцизите на дериватите, со што ќе му олесни на бизнисот и ќе го амортизира ценовниот шок за граѓаните, како што тоа го направи лани пролетта, пред вонредните парламентарни избори. |