14.03.2012, 19:58 Мислења
Страв ми е да отворам чипс
Петар Арсовски
Имаше серија настани низ кои, под еден или друг изговор, беше ограничено или укинато правото на слободен говор или јавна дебата
Верувам, секој кој живее во Центар се обиде да се пронајде себеси на неодамна објавените списоци, според кои, наводно, ВМРО-ДПМНЕ водел евиденција и ги планирал предизборните активности во општината. Постоењето на ваквите списоци, доколку е точно, истовремено е импресивно, застрашувачко, но и помалку смешно. Она што е импресивно е дека партијата има капацитет да состави, менаџира и одржува списоци по кои работи на терен, што претставува еден голем и комплициран проект, особено ако претпоставиме дека вакви списоци постојат за поголемиот број општини во државата, најмногу затоа што проектот не завршува со составувањето на списоците, туку по истите се планираат и локални акции, теренска партиска работа, таргетирање на гласачи и слично. Застрашувачкиот дел на проектот е секако сериозното нарушување на приватноста, дилемата како партијата дошла до сите тие податоци, како и стравот дека некој некаде ве води во каков и да е список, и по тоа ве „книжи” на една или друга страна. За среќа, постои и смешен дел, а тој е дека во најголем дел, списокот е едноставно неточен, односно аматерски направен. Кога видни членови на раководството на СДСМ се во списокот наведени како „неопределени”, тогаш во тој список и не треба да се има премногу доверба.
Кога сме веќе кај списоците, треба да се спомене дека очигледно постојат и други, потајни „списоци”, а тие се на теми и луѓе на кои треба да им се одземе јавниот простор и правото на збор. Ни претходеа серија настани низ кои, под еден или друг изговор, беше ограничено или укинато правото на слободен говор, на учество во јавната дебата. Да ги споменам само најважните: онаа трагикомична епизода со Љубчо Георгиевски во Х/О, каде што прво тонот наводно се расипал, па потоа не се снимаше емисијата повторно, демек гостинот ќе ги знаел прашањата, како да го распрашуваа за некои државни тајни; потоа необјавувањето на колумна на опозициски колумнист; па на крајот последната епизода со емисијата на Васко Ефтов. Овие инциде��ти, иако навидум спорадични, сепак претставуваат основа за сериозна опсервација и причина за загриженост.
Да се разбереме, јас не сум голем љубител ниту на Георгиевски, ниту на Ефтов, напротив, најчесто интимно силно се противам на тезите и заклучоците кои овие автори ги застапуваат. Исто така, не ми се допаѓа ни фактот што некои партиски членови низ „колумни” тераат политичка пропаганда. Но, до последен здив ќе се борам за нивното право тие, за мене погрешни тези, непречено да ги застапуваат. Основа на секоја демократија е одлучувањето на граѓаните, а основа на секое одлучување на граѓаните е слободен пристап до информација и спротивставени мислења. Затоа плурализмот е основа на секој демократски систем, и претставува апсолутна аксиома, а не пригоден аргумент.
Дополнително, јас немам увид во уредувачката политика на медиумите кои се овде предмет на дебата, ниту во одлуките на нивните уредници, и сигурен сум дека некои од тие одлуки се принципиелни. Но, сепак дамките се направени, трендот останува, а тој е загрижувачки. Како граѓани и држава, ако имаме избор, повеќе би требало да имаме пр��многу контроверзни ставови одошто премалку. Токму затоа овој тренд е алармантен, зашто забраната станува прелесна, премногу секојдневна. Забраната за емитување и објава мора да биде последна алтернатива, краен чекор, а не лесно достапно средство. Особено затоа што ваквиот принцип очигледно е селективен, односно за некои контроверзни текстови и емисии важи, а за некои не. Еклатантен и поразителен е фактот што единствени на удар се контроверзните автори кои го застапуваат опозицискиот дел од политичкиот спектар. Истовремено, новинарските текстови, колумни и емисии кои ја застапуваат позицијата, и покрај фактот што се барем исто толку ако не и повеќе „жешки”, радикални, и навредливо поттикнувачки, не се на ниту еден начин предмет на уредничка опсервација, ниту пак авторите на тие текстови се наоѓаат под каков било притисок, иако вториве се поневоспитани, порадикални и, секако, послаб новинарски производ.
Затоа, неизбежен е заклучокот дека целиот амбиент суштински еманира од власта, притоа ограничувајќи го јавниот простор и политичкиот дискурс. Во оваа ситуација, средината во која оперираат медиумите неизбежно создава уредувачка култура на претпазливост кон власта, која на моменти се граничи со автоцензура. За жал, на крајот, од оваа атмосфера најголема штета ќе имаат токму уредниците и медиумите кои посегнале по оваа алатка. Власта мудро ќе гувее, авторите на текстовите и емисиите ќе најдат алтернативен медиум за пласман, особено што во денешно време, со пролиферацијата на интернет-порталите и социјалните мрежи невозможно е да се контролира дебатата или пласманот, а до јавноста секако овие ставови и тези ќе допрат, на еден или на друг начин. Оштетени остануваат медиумите кои ги забраниле текстовите, кои потоа ќе бидат заглавени во потребата таквата одлука да ја бранат и пред фелата и пред јавноста, а ниту на еден од тие два форума не можат да се надеваат на попусливост, а најмалку кај сопствената публика, која ќе има тенденција да ги игнорира.
На крајот, ако овој тренд продолжи, ќе дојдеме до апсурдна ситуација: ќе земеш чипс, ќе пуштиш телевизор – владата. Гасиш телевизор. Ќе пуштиш радио – владата. Гасиш радио. Ќе земеш весник, и таму владата. Ќе го фрлиш весникот. И потоа, нормално, страв ти е да го отвориш чипсот...
(Авторот е магистер по политичка комуникологија)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде моќен и влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат некои од нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на друга политичка личност или личност од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |