02.03.2012, 10:21 Романија и Бугарија остануваат надвор од Шенген
Одлуката за влезот на овие две држави во безвизната зона на Унијата ќе биде донесена во септември
Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј изјави вчера дека земјите-членки на Европската унија усвоиле патоказ за приклучување на Бугарија и Романија во Шенген зоната и додаде дека одлуката за влезот на овие две држави во безвизната зона на Унијата ќе биде донесена во септември.
- Одлуката за ова прашање ќе ја донесат министрите за правда и внатрешни работи на 27-члениот пакт во септември, а дотогаш треба да се идентификуваат и спроведат мерките со цел да се придонесе за овој процес, изјави Ван Ромпуј вчера по завршувањето на првиот ден од дводневниот самит на ЕУ.
Тој изрази уверување дека за позитивно решение по ова прашање сега постои силна политичка волја.
- Дојде време да ги отстраниме препреките за приклучување на Романија и Бугарија кон Шенген зоната и тоа треба да се случи мошне скоро, изјави претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
Одлуката за влез на нејои земји во Шенген зоната мора да биде едногласна.
Меѓутоа холандскиот премиер Марк Руте изјави претходно вчера во Брисел дека Холандија ќе се изјасни против влегувањето на Романија и Бугарија во Шенген зоната се додека тие две земји не ги реформираат правосудните системи и не спроведат борба против корупцијата и организираниот криминал.
Холандија и Финска ја предводат струјата во ЕУ, која е против влезот на Бугарија и Романија во зоната на безвизниот режим на ЕУ.
|