01.03.2012, 15:27 (ФОТО) Инцидентот го запали Гостивар
По мирниот протест беа нападнати 20-ина бутици, кафулиња, продавници, сите сопственост на Македонци.
Киро Кипроски
Гостивар - Мирниот протест што се одржа денеска во Гостивар по двојното убиство што го изврши припадник на пограничната полиција, требаше да ја намали напнатоста не само во градот, туку и во целата држава. Но, за жал, по завршување на протестниот митинг, откако поголемиот број граѓани мирно се разотидоа, радикални групи Албанци посегнаа по имотот сопственост на Македонци и буквално го демолираа центарот на Гостивар.
Невиден пустош е извршен врз бутици, кафулиња, месарница, пекарница, продавница за бела техника, сендвичница, сите во сопственост на Македонци. На удар беа и стаклата на зградата на правосудните органи, гостиварската подружница на ЕВН, Шумското стопанство „Шар“.
„Глетката беше страотна. Млади луѓе наоружани со камења, шипки, стапови и палки го каменуваа излогот на нашата продавница. Кога почнаа да летааат камења од сите страни ние се скривме под тезгите. Оваа невидена бура траеше неколку минути, а толпата продолжи по булеварот кон автобуската станица“, исплашено и загрижено раскажува еден од вработените во демолираната месарница.
Очевидци изјавија дека толпа од околу 1.000 претежно средношколци од Гостивар и Тетово тргнале од дирекцијата на Шумското стопанство „Шар“, на булеварот „Браќа Ѓиноски“ по што продолжиле по булеварот „Гоце Делчев“. Вандализмот го започнаа со кршење на стаклата на зградата на регионалната дирекција на ЕВН, на пекарницата „Ѓуровски“ и така се' по ред до крстосницата со улицата „Илинденска“. Секој излог на продавница во сопственост на Македонец беше каменуван, а оние на Албанци и Турци беа поштедени.
Сопствениците на демолираните локали велат дека иако имало полициски службеници, тие биле само неми посматрачи на се' што се случува. По инцидентот на гостиварските улици имаше зголемен број полицајци, а неколку екипи вршеа увид на продавниците.
Многу гостиварци загрижени за личната безбедност денеска не ги пуштија децата на училиште. Немилите случувања ја зголемија меѓуетничката нетрпеливост. Македонците се гневни, пред се' на градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи. Не сакаат да веруваат дека тоа што се случи е организирано, иако, како што велат, толкава толпа млади луѓе полни со гнев не може спонтано да се собере и да беснее врз мирното население.
Беснеењето по гостиварските улици го стави во втор план мирниот протест. Над три илјади гостиварци, жители на повеќе селски населби во Полог, Кичево, Дебар и Тетово, вчера учествуваа на протестниот марш кој започна пред зградата на Основниот суд, а заврши на градскиот плоштад со протестен митинг. Маршот започна во 13 часот, како симболика на часот кога Бесник Шехапи (26) и Имран Мехмеди (30) беа застрелани од Јаким Трифуновски, припадник на Пограничната полиција.
Од протесниот митинг е испратена порака до портпаролот на МВР, Иво Котевски, јавно да се извини и да ја повлече изјавата со која застанал во одбрана на убиецот, како што беше речено, на „страната на црната рака на славомакедонската полиција“. Учесниците на протестот низ улиците, кои беа Албанци од сите возрасти, мажи и жени гласно извикуваа „Илирида“, „Косово“, „УЧК“, „Бараме одмазда“. Носеа албанско знаме, а на транспарентите беа испишани слогани со националистички и предупредувачки пораки: „ Соживот со кого“, „Вчера Бесник и Имран, утре ТИ!’ “Додека Вие бевте мајмуни, ние ја имавме илирската царица Теута“, „Бараме правда“.
Протестот го организираше асоцијацијата „Млади Албанци“, со логистичка поддршка на општина Гостивар. Советот на општината на вонредната седница усвои декларација со која ги повика граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста и да се воздржат од било каков коментар кој може да поттикне омраза. Советот донесе одлука на семејствата на загинатите да им додели еднократна помош од по 300.000 денари.
|